Линкови за пристапност

Обединетата македонска дијаспора како платформа за поврзување


Обединетата македонска дијаспора како платформа за поврзување
Обединетата македонска дијаспора како платформа за поврзување

Втората глобална конференција на Обединетата македонска дијаспора донесе иселеници во Торонто од 20-тина земји во светот, но и многумина други инволвирани во прашања на дијаспората

Втората глобална конференција на Обединетата македонска дијаспора донесе иселеници во Торонто од 20-тина земји во светот, но и многумина други инволвирани во прашања на дијаспората.

На нашето прашање – што за нив значи еден ваков собир, секој имаше одговор од аспект на личното доживување и професионален ангажман. Еве некои од тие сублимирани одговори:

Отец Јован Босеовски
Отец Јован Босеовски

Свештеникот Јован Босеовски, вели дека вакви собири се од непроценливо значење, зашто, „тоа го чува духот македонски. Не само верата, што ни` е број еден, туку се` она што е македонско да се негува, фолклорот, музиката, јазикот, писменоста, сето она што не` прави да сме горди како другите народи.“

Амбасадорот Љубен Тевтовски, пак, инсистира дека пораката од Торонто е дека „македонската заедница е спремна да се придружи на напорите на РМ да изгради современо општество, економски просперитетно, што ќе може да соработува со Канада и со развиениот свет.“

Џејсон Мико, Американец и продуцент на филмот „Име е име“, смета дека владата и Македонците надвор од земјата се на одличен пат, дека нивната работа покажува резултати, но дека главниот капитал на земјата е името „Македонија“:„Сите слушнале за Македонија. Имате, така да се рече, вграден жиг. Во Новиот завет е спомената 25 пати. Прашање е само како да го употребите, како да го претворите во злато.“

Александар Николовски, пратеник и член на владеачката партија не го крие задоволството: „Местото што практично беше празно долго време сега е покриено со организација која работи во цел свет за интересите на Македонија и Македонците.“

Трајан Димитриев, од Канада, е согласен дека е важно што оваа организација постои, но повеќе од тоа е важно кој ја води.

„Најмногу ми остави впечаток“, вели тој, „што многу млади луѓе учествуваат на оваа конференција. Тоа ја покажува иднината на нашиот народ.“

За Владимир Наумовски, туристички работник од Њујорк ова е само почеток за меѓусебното поврзување. И на првата конференција и сега во Торонто, вели тој, видовме дека има многу Македонци и не само Македонци, кои можат и сакаат да помогнат да се донесат повеќе луѓе во државата. Треба да работиме на тоа владата да донесе регулатива што целиот процес ќе го олесни. Ова што овде го чувме може да ни биде основа за наоѓање начини да се зголеми бројот на патници, бројот на туристи, бројот на сите посетители“.

Даг Манч, кој подготвува фотографска експедиција по Македонија, туризмот го поврзува со тоа што земјата го има во изобилство:

„Мислам дека начинот на кој Македонија треба да се промовира во светот е со нејзината извонредна историја“.

Со фреските, вели тој, илјада година стари, уште пред Микеланџело да ја наслика таваницата на Систинската капела“, Македонија е во голема предност во светската конкуренција.

А кога еднаш ќе дојдат, сакаме сите да кажат, како Сузан Риџио, која заедно со Карен Вит од реномираната рекреативна организација YMCA работат на програма за планинарење низ Македонија до македонски манастири во 2011:

„Сакаме да се вратиме таму!“

Павле Мангов
Павле Мангов

Од наша страна, ние ќе продолжиме да известуваме за се` што во тоа може да помогне. И секако, да го задржиме мислењето на Павле Мангов, од леринско, кој живее во Канада. Тој ни` зборуваше за тоа колку му значи нашата програма, што, вели, редовно ја следи на Интернет. На нашето прашање што најмногу му се допаѓа рече: „Се` што има таму за мене е добро.“ И на нашето инсистирање што би сакал повеќе да види, рече: „Можеби повеќе вести од Македонија ...“

Заминавме од Торонто со чувство дека само сме ја начнале површината од она што е – македонска дијаспора.

XS
SM
MD
LG