Линкови за пристапност

Американско - турска делегација во посета на Македонија


Американско - турска делегација во посета на Македонија
Американско - турска делегација во посета на Македонија

Со американско-турската делегација се сретнаа министрите за надворешни работи и за одбрана Антонио Милошоски и Зоран Коњановски.

„Сакаме да му порачаме на Конгресот дека е потребен балансиран дијалог, а не автоматски заземање на ставот на една страна, односно, да бидат слушнати сите страни и да не ја толкуваат историјата од аспект само на една страна. Македонските, грчките, турските и ерменските иселеници имаат нешто заедничко - сите се американски граѓани и треба да ги уживаат истите права“, изјави денес во Скопје, Линкен Мекерди, претседател на Турската коалиција на Америка, која ја финансира актуелната посета на делегацијата од 18 советници на американски конгресмени во Македонија, организирана од иселеничката организација од САД, Обединетата македонска дијаспора - ОМД.

Претседателот на ОМД, Мето Колоски потенцираше дека посетата не е дел од кампањата на македонската дијаспора од САД и Австралија, која под мотото „Никој нема право да преговара за моето име“ бара прекин на преговорите со Грција околу спорот за уставното име.

Според Колоски, со резолуцијата усвоена на јунскиот конгрес на ОМД, иселениците од Македонија го поддржуваат членство во НАТО и во ЕУ, но бараат зачувување на името и идентитетот, и се залагаат за покренување на постапка во ООН за менување на Резолуцијата 817 во делот за името и за отстранување на референцата - ФИРОМ.

„Потоа се надеваме дека ќе можеме некаква резолуција или барем писмо поддржано од страна на голем дел на пријателите во Конгресот и од новите пријателства што ги градиме за поддршка за НАТО“, вели Колоски:.

Според организаторите на гостувањето на 18-члената делегација на советници на американски конгресмени, со која во Скопје допатуваа и претставници на Турската коалиција на Америка и 15 професори и бизнисмени од Турција, тоа има за цел - запознавање на нејзините членови со Македонија, со ситуацијата во земјата и во регионот, и со можности за евентуална помош на Македонија за побрзо евроатлантско интегрирање.

Претседателот на Турската колиција на Америка, која како партнер на ОМД финансиски ја помогна посетата на американската делегација, смета дека во САД нема доволно познавања за Македонија и за Турција. Мекерди изјави дека македонските и турските иселеници во САД треба подобро да се организираат за да му парираат на силното грчко и ерменско лоби во САД.

„САД можат само да ги охрабрат Грците и Македонците да го решат проблемот и да одат напред оти и двете земји имаат свои проблеми со што се соочуваат и треба ди ги надминат“, потенцираше Мекерди.

Со американско-турската делегација се сретнаа министрите за надворешни работи и за одбрана Антонио Милошоски и Зоран Коњановски. Во соопштението на МНР се вели дека министерот Милошоски ги поздравил добрите пријателски односи меѓу Македонија и САД, изразил задоволство за одличната соработка на АРМ и Националната гарда на сојузната држава Вермонт и, потенцирајќи ја големата благодарност за континуираната и безрезервна поддршка на САД за Македонија, го пренел и очекувањето на македонската јавност за позасилена поддршка и отворено лобирање од САД во рамките на НАТО - за добивање на покана за членство на Македонија во Алијансата, уште на Самитот во Лисабон во ноември годинава.

Министерот Коњановски со гостите разговарал за соработката во мировните мисии во Ирак, во Авганистан, во Босна и во Либан, за улогата на Македонија во регионот, за односите со соседите и за реформите во областа на одбраната и во поглед на зачленувањето во НАТО.

Покрај Скопје, гостите од САД и Турција за време на престојот во Македонија, ќе ги посетат и Битола и Охрид.

XS
SM
MD
LG