Христо Ивановски е новинар од Македонија кој многу години пишува за прашања од областа на човековите права.
На неодамнешниот собир во Торонто, Канада, каде организацијата Обединета македонска дијаспора ја одржа својата втора глобална конференција, тој беше издвоен како еден од најзаслужните за ширењето на вистината за состојбата со македонските малцинства.
„Ракувај со внимание“ – прочита Христо Ивановски на изгравираното кристално признание и, како што само новинарите размислуваат, додаде: „Ова е одличен почеток за напис за македонското национално малцинство“.
„Континентот на кој припаѓаме, европскиот континент, е континент на малцинства, меѓу 35 и 50 милиони луѓе се од малцински групи“, рече Ивановски, зборувајќи за предизвиците со кои се соочува пишувајќи на оваа тема. Некогаш одбирал да не пишува за одредени работи и состојби што со сигурност ги знаел, за да не наштети на каузата, вели, како на пример, за работење на тајни училишта за изучување македонски јазик, кои постојат во Грција.
„Приказната за човекови права е бесконечна, но мора да го креваме гласот, зашто во спротивно е како да не постоиме“, рече тој.
На Архимандритот Никодим Царкњас организацијата на македонската дијаспора му оддаде признание за долгогодишна работа за верска слобода.
Свештеникот е државјанин на Грција и ракоположен член на православната црква во Грција, но откако се произнел за етнички Македонец во 1991 бил симнат од местото во епархијата на Флорина и Лерин и преместен во Едеса и Воден.
Тој е задоволен од сето тоа што оваа организација го прави, а од македонската влада бара поголемо застапување за правата на малцинствата.
„Ние знаеме дека Македонија не може да ни помогне, а тоа и не го сакаме, но духовна и политичка поддршка сакаме и бараме“, кажа Архимандритот за Гласот на Америка.