Најмалку осум цивили загинале во најновите судири меѓу украинската армија и сепаратистите поддржани од Русија, соопштија денес официјални лица во источна Украина. Најмалку 22 лица биле повредени во жестоката артилериска престрелка, според претставници на владата во Киев и на бунтовниците.
„Насекаде летаа шрапнели и се` друго. Се` е изгорено. Се` што имаме е облеката на нас“, раскажува Валентина Волошина, којашто живее во Донецк.
Борбите избувнаа во самопрогласените сепаратистички региони на Донецк и Луганск, особено околу градот Дебалцеве под украинска контрола, откако саботата пропаднаа мировните преговори во Белорусија меѓу украинската влада и сепаратистите.
Постои стравување дека насилството наскоро би можело уште повеќе да нарасне. Вчера, проруски сепаратистички водач објави „општа мобилизација“ чија цел е бројот на сепаратистичките сили да нарасне на 100.000.
Во меѓувреме, САД се` уште не донеле одлука дали да дадат смртоносна армиска помош на Украина во борбата против сепаратистите. Портпаролката на Стејт департментот Џен Псаки кажа дека ниту една можност не е исклучена и дека се` уште не е донесена одлука. Весникот Њујорк тајмс завчера објави дека иако претседателот Барак Обама не донел одлука да додели таква помош за украинските сили, неговата влада одново го разгледува прашањето за армиска помош. Весникот пренесе неименувани американски претставници коишто наведуваат дека државниот секретар Џон Кери, началникот на Здружениот Генералштаб Мартин Демпси и советничката за национална безбедност на Обама, Сузан Рајс, биле отворени за нова дискусија посветена на пружање на смртоносна помош за украинските сили. Весникот наведува и дека независниот извештај на неколку бивши виши американски лица, закажан за објавување вчера, а што ја повикува владата на САД да и` испрати на Украина оружје и опрема за одбрана во вредност од 3 милијарди долари, подгрева поширока дебата на оваа тема во Вашингтон.
Американскиот државен секретар Џон Кери во четврток ќе замине за Киев, каде што ќе се сретне со украинскиот претседател Петро Порошенко и останати виши украински претставници.
Од април минатата година, откако Русија изврши анкесија на Крим, во украинскиот судир загинаа над 5.100 лица.