Парламентот во Украина усвои закони што даваат поголема автономија на сепаратистичките региони во источниот дел на земјата, како и амнестија за повеќето вклучени во неодамнешните борби со владините сили.
Новиот закон што го предложи украинскиот претседател Петро Порошенко треба да стави крај на петмесечниот конфликт што ја подвои државата.
Проруските сепаратистички водачи не дадоа големо значење на потегот. Александер Захарченко, премиерот на самопрогласената Народна Република Донецк за руската новинска агенција Риа новости изјави дека мерката допрва треба да биде потишана од Порошенко и објавена во службен весник , пред да стане закон. „Тогаш ќе го преведеме на руски, ќе го проучиме и ќе дадеме свое мислење“, кажа тој.
Украинските законодавци денес исто така го ратификуваа договорот за ширење на политичките и економските врски со Европската Унија.
Одбивањето на истиот договор од страна на претседателот Виктор Јанукович во ноември минатата година ги предизвика протестите што доведоа до негово отстранување, руската анексија на Крим и руската поддршка за бунтовниците во источна Украина.
Претседателот Порошенко го потпиша договорот, но побара примената на неговиот дел за слободна трговија да се одложи до крајот на наредната година. Одлуката претставува отстапка за Русија, којашто се закани со одмазнички трговски потези на штета на украинската економија.