Линкови за пристапност

Украина ги обвини бунтовниците за нападот врз цивилниот конвој


Портпаролот на Украинскиот национален совет Андриј Лисенко не можеше да даде прецизен број на загинатите, но рече дека меѓу нив има деца.

Десетици цивили загинале во нападот што проруски бунтовници го извршиле врз цивилниот конвој што се обидувал да се спаси од судирите во источниот дел на земјата, според украински претставници.

Портпаролот на Украинскиот национален совет Андриј Лисенко денес не можеше да даде прецизен број на загинатите, но рече дека меѓу нив има деца. Според Лисенко, бунтовниците употребиле „Град“ системи и минофрлачи донесени од Русија. Нападот се случил утрово, меѓу местата Хрешчувате и Свитливка, на главниот пат што води од опколениот град Луганск.

Портпарол на бунтовниците порекна дека тие биле вмешани во нападот.

Луганск е сцена на една од најжестоките борби меѓу сепаратистте и украинските сили. Деветмина украински војници загинаа во судирите во текот на ноќта.

Вчера, Украина соопшти дека војската ја зазела месната полициска станица во Луганск по жестока борба со сепаратистите, додека бунтовниците претходно соборија украински армиски авион што леташе близу областа.

Во меѓувреме, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров соопшти дека неговата земја ги разрешила сите прашања во врска со испраќањето на хуманитарна помош за Украина. Па сепак, тој денес во Берлин кажа дека не бил направен напредок на средбата со колегите од Германија, Франција и Украина околу примирје или пак политичко решение на борбите во источна Украина.

Агенцијата Интерфакс јавува дека претставници на Меѓународниот комитет на Црвениот крст ќе го придружуваат конвојот руски камиони со хуманитарна помош во Украина откако ќе заврши инспекцијата што ја вршат украинските погранични служби.

Меѓутоа, тројцата европски министри за надворешни работи и Лавров не можеле да постигнат решение на вчерашната средба во Берлин да запрат борбите во источна Украина. Лавров рече дека немало позитивни резултати за постигнување на прекин на огнот, но дека министрите се согласиле да се сретнат повторно во наредните денови, за да расправаат за сите прашања.

Германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмаер оцени дека разговорот бил искрен и дека министрите ќе ги известат своите влади во подготовка за наредните чекори.

XS
SM
MD
LG