Линкови за пристапност

Во Украина се одржуваат разговори на национално единство


Учествуваат премиерот, национални законодавци и регионални претставници, но не и сепаратистичките бунтовници.

Украина во среда е домаќин на разговори „за национално единство“, еден ден откако проруските сепаратисти убија седум украински војници во заседа на армиска колона на блиндирани возила во близина на украинскиот град Краматорск.

Разговорите се дел од планот изложен од Организацијата за безбедност и соработка во Европа. Украинскиот премиер Арсениј Јацењук, национални законодавци и регионални претставници ќе присуствуваат, но сепаратистичките бунтовници не се дел од разговорите.

Нападот кај Краматорск во вторникот се случи за време на посетата на германскиот министер за надворешни работи на Украина, која беше со цел да изврши притисок за наоѓање решение за кризата преку преговори.

Франк-Валтер Стаинмаер, зборувајќи во Киев, кажа дека се надева оти „тркалезната маса“ спонзорирана од владата неделава со украинските политичари и граѓански групи од целата држава, ќе помогне да се убедат проруските сепаратисти за разоружување пред претседателските и изборите за градоначалници закажани за 25-ти мај.

Во меѓувреме, американскиот Стејт департмент објави сателитски снимки што покажуваат руски сили во близина на украинската граница, и покрај уверувањето од Москва минатата недела дека ја повлекла својата огромна армиска сила.

Комерцијалните сателитски снимки, кои датираат од 9-ти мај, исто така се појавуваат на твитер профилот на НАТО. Сликите покажуваат хеликоптери паркирани во близина на граничниот град Белгорад. Втората фотографија направена во неделата преку границата од градот Мариупол, покажува како што велат американските претставници, руски блиндирани возила.
XS
SM
MD
LG