Линкови за пристапност

Јацењук: Русија сака да започне Трета светска војна


Украинскиот премиер Арсениј Јацењук

Обама најавува нови санкции, Лавров ја осуди акцијата на украинските сили за безбедност.

Украинскиот премиер Арсениј Јацењук ја обвини Русија дека сака да ја окупира Украина армиски и политички, во време кога и Киев, и Москва натрупуваат сили на границата.

Јацењук предупреди дека постапките на Русија може да доведат до поширок армиски судир во Европа. На средбата на преодниот владин состав, тој кажа дека Москва „сака да започне Трета светска војна“. Ваквиот коментар дојде среде медиумските извештаи за ново насилство во источна Украина, каде проруските милитанти и натаму држат под контрола владини згради во десетина градови.

Денес експлодира украински армиски хеликоптер на писта во базата близу градот Краматорск. Некои украински претставници велат дека експлозијата се должи на проектил што го испукале проруските милитанти, додека други мислат дека снајперист го погодил резервоарот за гориво.

Украинските власти соопштија дека во рамки на, како што наведуваат, антитерористичката операција во источна Украина, планираат да го блокираат градот Словјанск што е под контрола на бунтовниците. Властите вчера соопштија дека во пресметката загинале најмалку пет лица.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денес ја осуди безбедносната операција на властите во Киев против проруските милитанти, нарекувајќи ја „крваво злосторство“.

Украинското Министерство за внатрешни работи, пак, соопшти дека проруските милитанти грабнале членови на набљудувачката мисија на ОБСЕ во Словјанск. Според Министерството, тие запреле автобус во кој се наоѓале седум претставници на ОБСЕ и пет припадници на украинската армија и ги заробиле.

Американскиот претседател Барак Обама разговарал за украинската криза во телефонски разговор со францускиот претседател Франсоа Оланд, германската канцеларка Ангела Меркел, италијанскиот премиер Матео Ренци и британскиот премиер Дејвид Камерон. Белата куќа во соопштението наведува дека тие се согласиле дека Украина презела позитивни чекори за да го одржи четиристраниот договор од Женева за намалување на напнатоста, постигнат минатата недела, додека Русија не возвратила.

Според Белата куќа, Обама рекол дека САД се подготвени да воведат тесно насочени санкции за да одговорат на последните руски постапки, а четворицата државници се согласиле да ги координираат дополнителните мерки против Русија.

На прес-конференција во Сеул, во рамки на азиската турнеја, Обама го критикуваше, како што нарече, натамошното мешање на Русија во источна Украина, додавајќи дека до рускиот претседател Владимир Путин е да одлучи дали сака неговата и онака кревка економија да заслабне уште повеќе поради тоа што не реагираше диломатски во Украина.

Вашето мислење

Повеќе коментари

XS
SM
MD
LG