Линкови за пристапност

САД подготвуваат нови санкции спрема Русија


Претседателот Обама кажа дека ќе има последици секогаш кога Русија ќе преземе чекори за дестабилизирање на Украина.

САД велат дека ќе бараат знаци за сериозноста на Русија за деескалирање на тензиите во Украина на вонредните разговори за кризата, во четврток во Женева.

Портпаролот на Белата куќа Џеј Карни вели дека САД се подготвуваат да постават нови санкции спрема Русија.

Во интервју за ЦБС телевизијата во средата, претседателот Барак Обама кажа дека ќе има последици секогаш кога Русија ќе преземе чекори за дестабилизирање на Украина и прекршување на нејзиниот суверенитет. Но Обама кажа дека е убеден оти Русија не бара војна.

Москва вели дека има право да ги заштити граѓаните кои зборуваат руски во Украина. Таа го обвинува новото раководство на Украина дека е антируски и антисемитски настроено и дека се заканува на правата на про-Русите.

Но, висок претставник за човекови права на ОН, Иван Симоновиќ, на Советот за безбедност во средата кажа дека за време на двете патувања во Украина во март, неговиот тим не нашол широкораспространети напади против етничките Руси.

Москва извештајот на ОН го нарече неоснован и со предрасуди.

Американската амбасадорка Саманта Пауер ја отфрли критиката на Русија, велејќи дека има доволно докази за руска инволвираност во нередите во источна Украина. Таа тоа го нарече добро-оркестрирана професионална кампања на подбуцнување и саботажа.
XS
SM
MD
LG