Линкови за пристапност

Про-руски активисти планираат блокирање на повеќе патишта


Додека Русија поставува трупи и опрема на источната граница со Украина, нивни поддржувачи работат внатре во земјата

На автопат источно од украинскиот град Доњецк про-руски активисти чуваат стража, барајќи знаци за какви било украински армиски конвои. Тие ветуваат дека ќе запрат секакво армиско движење со интервенција на патиштата и со одбивање да се повлечат.

Игор, триесет и тригодишен возач на камион успеал неделава да запре три лансирачи на ракети во обид да бидат придвижени поблиску до границата. И не жали за тоа. Вели дека ова го прави заради сегашната политичка криза, и тврди дека владата во Киев „сака луѓето да ги претвори во робови“ и дека не треба да испраѓа трупи и воена опрема во мирољубиви региони.

Неговата група се обидува да одржи околу 30 активисти овде 24 часа на ден и вели ако им треба повеќе поддршка, тие можат да повикаат 200 поддржувачи во рок од половина час. Во изминативе четири дена успеале да пресретнат и вратат три конвои.

Десетици вакви контролни пунктови биле поставени преку регионот Донбас во источна Украина, најгусто населен регион во државата и украинска индустриска движечка сила, произведувајќи јаглен и метали.

Етничките Руси не доминираат овде до степен како што е во Крим, каде лидерите потпишаа договор неделава за приклучување кон Русија по оспоруваниот референдум. Според пописот од 2011, 48 проценти од населението во Доњецк се етнички Руси и 46 проценти етнички Украинци.

Доњецк и некои други градови во регионот последниве денови беа полни со немири. Три лица загинале во судирите на протестите. Про-руски активисти протестираа порано месецов во градскиот совет и нивниот лидер, Саша, беше избркан и уапсен. Саша, продавач и татко на двегодишно дете, вели дека би било подобро Доњецк да го следи примерот на Крим и да стане дел од Русија.

Рускиот претседател Владимир Путин индицираше дека нема натамошен дизајн за украинската територија и не планира упади во делови на источна Украина. Но тоа не ги спречува про-руските активисти да се подготвуваат за нови контролни пунктови и за вооружени судири низ регионот за да го блокираат движењето на украинската армија.

Изминатиот викенд група ја блокирала железницата и запрела армиски воз кој носел тенкови. Активистите велат дека нема да престанат со ваков вид активности.
XS
SM
MD
LG