Линкови за пристапност

Крим поднесе пријава за приклучување кон Русија


Според кримските власти 97 проценти од гласачите на референдумот се изјасниле за отцепување од Украина.

Регионалното собрание на Крим објави независност од Украина и аплицираше за присоединување кон Русија, еден ден по референдумот во Крим со кој големо мнозинство се изјасни за приклучување кон Руската Федерација.

Делегација од кримски законодавци се подготвува да замине за Москва во текот на денот за да дискутира по дополнителните процедури потребни за станување дел од федерацијата.

Во меѓувреме, украинскиот парламент одобри делумна мобилизација на резервисти како одговор на кризата.

Соединетите американски држави и нивните европски сојузници се очекува да објават во понеделник санкции спрема Русија.

Американскиот претседател Барак Обама на неговиот руски колега Владимир Путин во неделата му кажа дека Вашингтон и нивните „европски партнери се подготвени да постават дополнителни трошоци“ за Москва заради поддржување на референдумот за отцепување на украинскиот полуостров Крим.

Во соопштение на Белата куќа неделниот референдум се нарекува илегален и се вели дека тој го прекршува украинскиот устав. Исто така се вели дека гласањето „никогаш нема да биде признаено од меѓународната заедница.“

Избраниот шеф на Крим во понеделник соопшти дека речиси 97 проценти од гласачите кои излегле на гласање го поддржале отцепувањето и потегот за присоединување кон Русија. Противниците на потегот биле советувани да го бојкотираат референдумот.

Кримскиот лидер кој е про-Москва, Сергеј Аксјонов рече дека неговата влада формално ќе поднесе пријава во понеделник за приклучување кон Руската Федерација.

Во Киев, привремениот премиер на Украина Арсениј Јацењук гласањето на Крим поддржано од Русија го нарече „циркуски спектакл“ режиран од Русија со вперено оружје.
XS
SM
MD
LG