Линкови за пристапност

Се` уште неизвесно што ќе се случи со Крим


Франција најавува дека уште неделава би можело да дојде до санкции против Русија поради ситуацијата во Украина.

Сменетиот украински претседател Виктор Јанукович ги обвини противниците за потегот на Крим да се отцепи од Украина и рече дека останува шеф на државата и врховен командант на вооружените сили.

Тој ова го кажа во рускиот град Ростов на Дон, во вториот јавен настап откако побегна од Киев минатиот месец, по неколкумесечните протести против владата што го потресоа главниот украински град.

Јанукович ги окарактеризира преодните украински власти како екстремисти, а планираните избори за нова влада на 25-ти мај како нелегитимни. Се осврна критички и на понудата од САД за една милијарда долари во вид на заем за преодната влада, истакнувајќи дека американската влада „нема право да дава пари на бандити“.

Францускиот министер за надворешни работи Лорен Фабиус, пак, денес изјави дека Западот би можел да воведе санкции против Русија уште неделава, доколку Москва не одговори позитивно на предлогот за смирување на кризата во Крим. Односите Русија - Запад се напнати откако проруски сили го зазедоа украинскиот полуостров.

Фабиус изјави дека санкциите ќе содржат замрзнување на финансиските сметки на индивидуалци - Руси или Украинци, како и забрана за патување.

Москва и Јанукович континуирано ја опишуваат неговата смена како противуставна. Јанукович најави дека ќе се врати во Киев штом ќе се создадат услови за тоа.
XS
SM
MD
LG