Линкови за пристапност

Соборениот претседател на Украина бара заштита од Русија


Американскиот државен секретар ја предупреди Русија дека би било „тешка грешка“ да интервенира воено во Украина.

Соборениот украински претседател Виктор Јанукович кажа дека се` уште се смета за шеф на државата и побара Русија да ја осигура неговата лична безбедност.

Јанукович објави соопштение до руските новински агенции во четврток, од неоткриена локација. Јанукович не е виден во јавност од саботата, кога украинскиот парламент изгласа негово симнување од власт и закажа предвремени избори за 25-ти мај.

Во меѓувреме, вршителот на должност претседател на Украина, Олександр Турчинов, ја предупреди руската морнарица на Крим да не ја напушта својата база, откако вооружени лица зазеле владини згради во регионалниот главен град. Тој во четвртокот кажа дека секое движење на руските трупи ќе се смета за „воена агресија“. Флотата на Русија во Црното Море е стационирана во градот Севастопол, на Крим.

Порано во четвртокот, вршителот на должност министер за внатрешни работи на Украина, Арсен Аваков, кажа дека полицијата е на готовност откако локални згради на владата и на легислатурата беа заземени во главниот град, Симферопол, од вооружени лица во про-рускиот регион.

Извештаите велат дека руско знаме било кренато над зградите, и Аваков кажа дека окупираните згради биле запечатени од полицијата.

Белата куќа вели дека силно ги поддржува украинските лидери додека работат на формирање повеќепартиска влада што ќе ги претставува Украинците. Таа повика на влада со широка основа и определена на помирување кое е неопходно за меѓународна помош.

Државниот секретар Џон Кери вели дека САД размислуваат за една милијарда во гаранции за заем за Украинa.

Кери исто така ја предупреди Русија во средата дека би било „тешка грешка“ да интервенира воено во Украина.

Рускиот претседател Владимир Путин нареди вонредна воена вежба во области што го вклучуваат регионот близу украинската граница.

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шоигу вели дека вежбата ќе ја провери „готовноста за справување со кризни ситуации што се закануваат на армиската безбедност на државата“.
XS
SM
MD
LG