Линкови за пристапност

САД го осудија нападот на украинската новинарка


Стејт департмент кажа дека САД насилството против новинарката Тетјана Чорновол на 25-ти декември го гледаат како „особено вознемирувачко“.

Американскиот Стејт департмент изразува загруженост за она што го нарекува „шема на насилство со специфична цел“ против опозиционите активисти во Украина каде илјадници протестанти организираа демонстрации против владините напори за потесни врски со Русија.

Портпаролката на Стејт департмент Џен Псаки во изјава од четвртокот кажа дека САД тепањето на новинарката Тетјана Чорновол на 25-ти декември го сметаат за „особено вознемирувачко“ и ја повика Украина да обезбеди почитување на човековите права, вклучувајќи ја слободата на изразување и собирање.

Чорновол која напиша статии критични за владата, зборуваше од болница во петокот, еден ден откако група мажи ја извлекле од автомобил и ја претепале, оставајќи ја со повреди и фрактури на лицето. Камера на хаубата на нејзиниот автомобил го фатила нападот покажувајќи автомобил како и` го блокира патот и потоа удира во нејзиниот. Чорновол кажа дека неколку лица ја тепале. Нејзиниот сопруг изјави дека била хоспитализирана со потрес на мозокот.

Анти-владините демонстрации во Киев сега носат фотографии од нејзиното натечено лице како симбол на нечесноста на владата.

Претседателот Виктор Јанукович го осуди нападот и нареди истрага. Властите велат дека до сега уапсиле двајца осомничени.
XS
SM
MD
LG