Американскиот државен секретар Џон Кери кажа дека САД бараат дипломатско решение на судирот во источна Украина, но дека „не може да ги затвориме очите“ пред руските тенкови и борците коишто ја преминуваат границата.
Кери ова го изјави по денешната средба со украинскиот претседател Петро Порошенко во Киев. САД и сојузниците ја обвинуваат Русија дека ги поддржува сепаратистите во источна Украина со оружје и војници. Русија ги негира таквите тврдења.
Пред Кери да пристигне во Киев, виш претставник на Стејт департментот соопшти дека САД ќе дадат дополнителни 16,4 милиони долари на Украина, како помош за цивилите погодени од борбите во источна Украина. Претставникот рече дека САД продолжуваат да разгледуваат дали да дадат „одбрамбено смртоносно оружје“ на Украина, но дека постои загриженост дали украинските сили се соодветно обучени да ракуваат со него. Според истиот извор, Вашингтон е во разговори со европските партнери за воведување на дополнителни санкции против Русија во блиска иднина, доколку Русија продолжи да се меша во Украина.