Две години од почетокот на конфликтот, Украина е под притисок од Запад и Русија да го спроведе договореното од Минск, и покрај потфрлањето на Русија да создаде безбедносни услови. Многу Украинци чувствуваат дека се принудени да им дадат автономија на регионите на Донецк и Луханск кои се контролирани од сепаратистите, и веруваат дека тоа ќе доведе до делење на земјата.
Ужасите од застреланите демонстранти на улиците не се забораваат. Микола Андриевски бил демонстрант на Мајдан. Тој се сеќава на денот во детали: „Дојдов од таа страна и видов многу натрупани тела кај хотелот. Луѓето почнаа да ги носат убиените. Отидов да им помогнам“, раскажува тој.
Две години подоцна, необјавената војна на исток на земјата не е запрена, а Украина е под притисок да ги спроведе одредбите постигнати во Минск за да се стави крај на конфликтот.
Една од обврските од Минск е Украина да го промени Уставот за Донецк и Луханск да добијат поголема автономија. Тие сега се контролирани од сепаратистите поддржани од Русија – што заУкраинците е неприфатливо.
Алекс Рабчин, член на украинскиот парламент вака ја опишува ситуацијата:
„Не можете да имате мировни преговори и политичка ситуација во која ќе се даде поголема автономија на некој регион. Другите региони ќе кажат, како може овие луѓе да земат оружје, да стекнат повеќе пари, повеќе моќ и да создадат своја паравојска. Нашите луѓе гинеа, за нивните добиваат повеќе моќ.“
Украина се плаши дека Европа може да не ги обнови санкциите против Русија годинава ако не се спроведе Минскиот договор.
Но според зборовите на поранешниот украински разузнавач Алексј Арестович тие договори може да се „отров“ за Украина.
„Секој обид да се имплементира договорот од Минск ќе доведе до долгорочна домашна криза. Напишан е така што не може да се имплементира. Има голем отпор во општеството, и оваа е ќорсокак“, вели тој.
Сепак Микола Андриевски се надева дека жртвите кои паднаа на овој плоштад во 2014-та година не се бесмислени.
„Точно е дека цената што ја плативме е огромна. Многу животи беа изгубени. Сега, две години по Мајдан, тешко е да се каже дали овие млади мажи и жени ги дадоа своите животи залудно. “