Линкови за пристапност

Партијата на Зеленски води на предвремените парламентарни избори во Украина


Партијата Слугата на народот освои мнозинство на партиските листи со 42 отсто од гласовите или 122 места во Парламентот

Партијата на украинскиот претседател Володимир Зеленски, Слугата на народот, води на предвремените парламентарни избори во Украина со големи изгледи да добие парламентарно мнозинство, покажуваат податоците на Централната изборна комисија по пребројувањето на околу 44 отсто од гласовите.

Партијата на комeдијантот кој стана претседател води во 125 од вкупно 199 изборни единици во Украина, покажуваат податоците од 9:15 часот (по локално време).

Партијата на Зеленски, исто така, освои мнозинство на партиските листи со 42 отсто од гласовите или 122 места во Парламентот, покажуваат прелиминарните резултати, што е далеку пред најблискиот ривал со нешто над 12 отсто. Ако резултатот остане, тоа ќе биде прв пат во историјата на независноста на Украина партијата да има добиено мнозинство во парламентот - Врховната Рада.

Во мешаниот изборен систем на Украина, половина од местата во Врховната рада се избираат од партиските листи според гласовите, а останатите се избираат како резултат на трката во локалните изборни единици.

Опозициската Платформа е на второ место. Партијата за европска солидарност на поранешниот претседател Петро Порошенко доби помалку од девет отсто од гласовите. Популистичката Татковинска партија на поранешната премиерка Јулија Тимошенко доби 8,1 отсто, додека партијата на рок-ѕвездата Свитослав Вакарчук доби 6,38 отсто.

Се чини дека тие го поминаа потребниот праг од пет проценти за да освојат законодавни места.

Силниот резултат на партијата на Зеленски, Слугата на народот, формирана пред неколку месеци, ја нагласува желбата на Украинците за одмор од политичарите и партиите кои долго се на политичката сцена, но кои не успеаја доволно да го подобрат животниот стандард.

Сепак, останува отворено прашањето дали и колку Зеленски ќе успее да ја промени политиката во Украина.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG