Вoлoдимир Зеленски, 41-годишниот телевизиски актер, убедливо победи на украинските претседателски избори во неделата. Анкетите покажуваа дека тој освои околу 73 отсто од гласовите во финалниот круг - речиси три пати повеќе од неговиот ривал, актуелниот претседател Петро Порошенко.
„Го направивме тоа заедно. Благодарност до сите! Не сакам патетични говори, сакам само да кажам благодарам“, рече Зеленски обраќајки се до неговите поддржувачи во Киев.
Признавајќи го поразот во неделата навечер, Порошенко му ја честиташе победата на Зеленски и додаде: „Ќе ја напуштам канцеларијата, но сакам да соопштам: нема да ја напуштам политиката“.
Порошенко подоцна во порака на Твитер напиша: „Можете само да ги погледнете прославите во Кремљ по повод изборите. Тие луѓе веруваат дека со новиот неискусен украински претседател, Украина би можела брзо да се врати во руската орбита на влијание“.
Инаку, комичарот Зеленски играше во една од најпопуларните телевизиски серии во Украина каде беше во улога на професор кој станува претседател.
На претседателските избори тој ја комбинираше медиумската кампања на социјалните мрежи со неговиот имиџ на аутсајдер, искористувајќи ја лутината на јавноста поради старата украинска политика на потиштеност и корупција.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, му ја честиташе победата на Зеленски.
Во соопштението од Белата куќа, Трамп ја потврди поддршката на САД за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во рамките на своите меѓународно признати граници. Претседателот на САД ја изрази својата посветеност да соработува со Зеленски и со украинскиот народ за спроведување на реформите потребни за зајакнување на демократијата, зголемување на просперитетот и искоренување на корупцијата во земјата.
Франција, Германија и Европската унија, исто така, му честитаа на Зеленски за изборот на претседател на Украина.
Facebook Forum