Украинското обвинителство поднесе тужба против виш функционер во локалниот совет во регионот Херсон заради организирање на смртоносниот напад со киселина по кој почина истакната антикорупциска активистка.
Претседателот на Регионалниот совет Владислав Мангер е обвинет за наводно организирање на атентатот врз Катерина Хандзиук, напиша на Фејсбук украинскиот обвинител Јуриј Луценко.
Мангер е член на партијата на поранешната премиерка Јулија Тимошенко, клучен ривал на претседателот Петро Порошенко на претстојните избори на 31-ви март. Тој минатата недела беше исклучен од партијата.
Хандзиук отворено ја критикуваше корупцијата и беше советничка на градоначалникот на Херсон.
Во јули минатата година, непознат напаѓач фрли киселина врз неа. Таа почина во ноември, по неколку месечен третман.
Во август полицијата уапси шест лица во врска со случајот. Еден од осомничените беше ослободен, откако беа отфрлени обвиненијата против него. Тројца беа ставени во домашен притвор, а останатите двајца останаа во притвор.
САД и Европската унија нападите врз активистите ги нарекоа неприфатливи и ги повикаа украинските власти да ги изнесат сторителите пред лицето на правдата.
Facebook Forum