Линкови за пристапност

Украина: Русија при воздушен напад уништи илјадници тони жито во Одеса


Житото било наменето за Египет и Романија, информираше украинскиот вицепремиер Олександар Кубраков.
Житото било наменето за Египет и Романија, информираше украинскиот вицепремиер Олександар Кубраков.

Украинските власти во средата соопштија дека Русија извршила воздушен напад во текот на ноќта, кој ја оштетил инфраструктурата и уништил илјадници тони жито на пристаништето Исмаил во регионот Одеса.

Житото било наменето за Египет и Романија, информираше украинскиот вицепремиер Олександар Кубраков.

Тој вели дека нападот оштетил неколку терминали и магацини за жито и дека го намалил извозниот капацитет на пристаништето за 15%.

Светот треба да разбере дека руските напади врз украинските пристаништа се еднакви на напади врз африканските и азиските земји на кои им е потребна храна, вели Кубраков. Задача на светот, вели, е да не се дозволи и понатаму уништување на пристаништата.

Украинската војска соопшти дека Русија лансирала 20 беспилотни летала во Украина во текот на ноќта и дека украинската противвоздушна одбрана успеала да собори девет од нив над Одеса и две други во областа Запорожје.

Руските власти во средата соопштија дека во напад на украинско беспилотно летало загинале три лица во регионот Белгород, кој се наоѓа долж границата меѓу двете земји.

Исто така, руските власти соопштија дека украинско беспилотно летало погодило зграда во центарот на Москва, откако било соборено од руската воздушна одбрана

Градоначалникот на Москва Сергеј Собјанин изјави дека зградата е во изградба и дека нема пријавени жртви.

Украинските власти доцна во вторникот соопштија дека руската артилерија убила три лица во близина на градот Лиман во источна Украина.

Две села во близина на Лиман биле погодени, при што загинаа две жени и еден маж, на возраст од 63 до 88 години. Тројцата седеле заедно на клупа кога биле гранатирањата.

Во друг случај, четири лица се повредени во напад со два експлозивни беспилотни летала во село во североисточна Украина во близина на руската граница, соопштија воени претставници.

Два украински новински медиуми во вторникот објавија дека украинските диверзанти се одговорни за нападите во саботата и понеделникот, во кои беа уништени два руски бомбардери и оштетени два други авиони во две воздушни бази длабоко во Русија.

Нападите се случија во саботата во воздухопловната база Солци во северозападна Русија, 700 километри северно од украинската граница, а во понеделникот во воздухопловната база Шајковка на околу 300 километри североисточно од украинската граница. Асошиетед прес не можеше самостојно да ги потврди тврдењата на терен.

Сепак, руското Министерство за одбрана призна дека нападот врз Солци оштетил еден авион, пренесе Асошиетед прес. Оттаму не го коментираа пријавениот напад врз Шајковка, а таква информација пренесоа руските медиуми.

Дел од информациите доаѓаат од Асошиетед прес, Франс – прес и Ројтерс.

XS
SM
MD
LG