Русија денеска соопшти дека соборила пет украински беспилотни летала кои ја нападнале Москва и околниот регион.
Руското Министерство за одбрана информираше дека противвоздушната одбрана соборила четири од беспилотните летала, додека петтиот бил електронски заглавен и паднал.
Беспилотните летала привремено ги прекинаа операциите на меѓународниот аеродром Внуково на југозападната страна на Москва, поради што властите ги пренасочија авионите кон други аеродроми.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, рече дека нападот со беспилотно летало е „терористички чин“ на Украина.
Засега нема коментар од украинска страна.
Украина во пракса не презема одговорност за напади на руска територија.
Контраофанзива
Од британското Министерство за одбрана соопштија дека руските сили одговориле на украинската контраофанзива започната минатиот месец со прилагодување на тактиката, вклучително и тешка употреба на противтенковски мини.
„Откако го забави украинското напредување, Русија потоа се обиде да ги нападне украинските оклопни возила со летала без екипаж, нападни хеликоптери и артилерија“, се вели во дневната проценка на британското Министерство за одбрана.
Украина наведе одреден напредок во услови на тешки борби додека се обидува да ја врати земјата заземена од Русија од инвазијата на руските сили која почна во февруари 2022 година.
Самит на НАТО
Во ноќното видео обраќање во понеделникот, украинскиот претседател Володимир Зеленски ја промовираше Украина како значајна предност за НАТО и наведе дека државата е важна заштита во безбедноста на Европа од руската агресија.
„Очигледно е дека Европа може да се заштити од каква било агресија само заедно со Украина и само заедно со Украина во НАТО. Затоа мора да постигнеме безбедносна сигурност за нашата иднина во Алијансата“, рече тој.
Зеленски ги даде овие коментари додека лидерите на НАТО се подготвуваат за нивниот дводневен самит во Вилнус, Литванија, на 11 и 12 јули.
Самитот е во време на критичен момент за НАТО и европската безбедност со контраофанзивата во Киев и политичкиот пресврт во Москва.
Украина минатата година официјално поднесе барање за влез во НАТО, но сите земји-членки сега се согласија дека Украина нема да се приклучи на алијансата пред да заврши војната.
За време на вчерашната прес-конференција во Брисел, највисокиот воен претставник на НАТО, адмирал Роб Бауер, призна дека патот на Украина до победата ќе биде тежок и долг.
„Контраофанзивата е тешка“, рече тој, додавајќи дека украинските сили се во право што продолжија претпазливо. „Луѓето никогаш не треба да мислат дека ова е лесно одење. Никогаш нема да биде“, рече тој, истакнувајќи дека руските одбранбени линии понекогаш се длабоки до 30 километри, а украинските сили се соочуваат со нагазни мини и други пречки.
Бауер направи споредба меѓу пробивањето на овие пречки и борбите во Нормандија за време на Втората светска војна. „Видовме во Нормандија во Втората светска војна дека беа потребни седум, осум, девет недели за сојузниците всушност да ги пробијат одбранбените линии на Германците. И така, не е изненадување што тоа не оди брзо“, кажа тој.
Дел од информациите доаѓаат од Асошиетед прес, Ројтерс и агенцијата Франс прес.