СКОПЈЕ – Граѓаните повторно ќе може да купуваат прехранбени продукти на аккции и промоции по намалени цени откако Владата на денешната седница донесе одлука со која се укинува забраната. Трговците, дистрибутерите и производителите вчера изнесоа податоци и статистики според кои нивната продажба, по воведувањето на забраната на 20 септември, е опадната од 20 до 30 отсто а тоа се должело на фактот што граѓаните често ги користат ваквите акции.
„За да нема заблуда во делот на трговијата со предлог на министерството за економија ја укинавме одлуката во делот на акциите имајќи предвид дека одредени трговци на мало ја толкуваа претходната одлука за неможност на давање акции и промоции. Сега и производителите и дистрибутерите ќе може да организитраат такви акции и промоции за да ги намалат цените за граѓаните односно потрошувачите“, зиајви Крешник Бектеши, министер за економија.
Замрзнатите маржи и гарантираните цени ќе останат на сила еден месец подолго од првично најавениот датум 30 ноември. Владата ја корегираше одлуката и сега заклучно со 31 декември на рафтовите во продавниците ќе стои маркицата „гарантирана цена“ за голем дел прехранбени продукти.
Според министерот Бектеши, законот за нефер трговска практика кој ја регулира оваа материја ќе биде на сила до крајот на годинава и со тоа ќе ја замени мерката на Владата и ќе ги заштити граѓаните.
„ Имајќи предвид дека текстот за нефер трговски практики е речиси готов и до крајот на годината ќе биде усвоен во Собранието одлучивме мерката за намалување на цените и ознаката гарантирана цена да продолжи до крајот на годината, односно наместо до 30 ноември ќе важи до крајот на годината. Со новото законско решение кое дотогаш ќе биде изгласано што ќе значи дека потрошувачите ќе бидат заштитени од злоупотреби во делот на намалување на цените на производите наведени во претходната одлука“, соопшти Бектеши.
Прехранбените продукти како и алкохолните и безалкохолни пијалоци кои беа опфатени со одлуката на Владата ќе ја останат со замрзнатите цени од 1 август намалени за 10 отсто како што предвидува формулата за „гарантирана цена“.