Британскиот премиер Борис Џонсон назначи специјален пратеник за Западен Балкан како дел од тековната посветеност на Обединетото Кралство за стабилност и просперитет во регионот, објави Владата на Обединетото Кралство.
Стјуарт Пич ќе ја преземе оваа улога откако се повлече од функцијата претседател на Воениот комитет на НАТО на почетокот од оваа година, функција што ја извршуваше од 2018 година.
Владата сооппшти дека „како специјален пратеник на премиерот, Стјуарт ќе работи со лидерите од Западен Балкан, другите во регионот и нашите сојузници во САД и Европа за поддршка и зајакнување на регионалната стабилност“.
Тој се очекува да промовира силни демократски институции и отворени општества, да помага во справувањето со сериозниот и организиран криминал и со другите безбедносни предизвици, како и да охрабри решение за прашањата, како воените злосторства и исчезнатите лица.
Премиерот Борис Џонсон рече:
„Обединетото Кралство е длабоко посветено на европската безбедност. Западен Балкан ја доживува најголемата закана за неговата стабилност и безбедност во последните две децении. Имаме одговорност да направиме се` што можеме за да ги зачуваме придобивките постигнати преку мир и дијалог - не можеме да дозволиме никакво враќање на насилството и поделбата на минатото“, рече Џонсон.
Тој додаде дека „огромното искуство и експертиза на Стјуарт ќе ги зајакнат меѓународните напори за заштита на мирот и промовирање на евроатлантската интеграција во овој клучен регион“.
Секретарката за надворешни работи Лиз Трас, рече дека назначувањето на Стјуарт е јасен доказ за посветеноста на Велика Британија кон Западен Балкан и за одбрана и промоција на слободата и демократијата во регионот.
„Со нетрпение очекувам да ги продлабочиме нашите економски и безбедносни врски со Западен Балкан и да работиме заедно за да ги одвратиме малигните актери. Стјуарт ќе има клучна улога во таа работа. Политичката ситуација во Западен Балкан беше разгледана на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Рига, а ќе биде на дневен ред и на состанокот на министрите за надворешни работи на Г7 во Ливерпул, кој беше најавен на почетокот на оваа недела“, изјави Трас.
Facebook Forum