Линкови за пристапност

Угостителските објекти на хрватското приморје преплавени со македонски работници


Македонски работник вели дека Македонците,за две до три години можат да останат без платите кои сега ги земаат во Хрватска, поради се поголемиот наплив на работници од Непал и Индија, а кои прифаќаат да работат за пониски суми
Македонски работник вели дека Македонците,за две до три години можат да останат без платите кои сега ги земаат во Хрватска, поради се поголемиот наплив на работници од Непал и Индија, а кои прифаќаат да работат за пониски суми

Во Хрватска ова лето има и цели семејства од Македонија, кои работат по неколку месеци за плати кои се движат од 1000 до 4000 евра во зависност од позицијата.

Во местото каде што работам на островот Паг, има околу 200 до 250 Македонци што ги познавам раскажува за Глас на Америка, Никола Петрески, готвач од Струга.

„Јас каде што сум е островот Паг, градот Новајлија. Тука има околу 200 до 250 Македонци што ги познавам. Подобра перспектива има тука. За мене како готвач можеш да се надградиш до некој степен, што тоа не би можело во Македонија. Повеќето се во угостителскиот сектор. Тука има и две три градежни фирми, кои работат со македонски работници“, вели Петрески.

Никола веќе втора година, работи на хрватското приморје, како готвач. Вели дека годинава македонската колонија во Хрватска е многу поголема од лани. Повисоките плати, но и условите за работа ги тера младите Македонци, егзистенцијата да ја бараат токму таму. Работат како келнери, шанкери, помошници готвачи и готвачи, ги има на сите позиции и секаде.

„Ако се прва година работат како сервис, како помошници келнери или во кујна како помошници, доколку немаат големо искуство. Најниската плата за келнер е околу 1200 до 1300 евра. Во хотелот каде што работам исто има келнер од Македонија. Работи околу 9.5 часа. Платата е фиксна 1300 евра со два оброци“, вели Никола.

Во Хрватска ова лето има и цели семејства од Македонија, кои работат по неколку месеци за плати кои се движат од 1000 до 4000 евра во зависност од позицијата.

Во една ваква ситуација угостителите во Охрид се снаоѓаат секој на свој начин. Празнината поради недостаток на стручен кадар ја надополнуваат со средношколци и пензионери. Работат дури и самите газди, како Марјан Лаброски сопственик на ресторан покрај Охридското езеро.

„Зедов порано некои луѓе и ги обучив. Јас си ја сакам работата, сакам да работам, ако сум сопственик сакам да работам. Мене ме влече оваа работа отсекогаш и после 17 години отворив и свој ресторан“, вели Лаброски.

Го прашавме како да се задржат младите да останат да работат во Охрид.

„Не се платите само причина. Треба поголемо внимание и да се дадат подобри услови за работа, кои треба да ги има секој вработен. Тековно мислам дека во наредните пет години и платите ќе се израмнат како и во Хрватска исто ќе бидат и кај нас“, додава Лаброски.

Недостатокот на кадар е проблем кој потекнува од минатото вели Владо Суклоски, туристички работник.

„Кога хотелиерите и другите туристички субјекти вработуваа кадар до септември и од септември ги испуштаа. И кога тоа стана масовно сега нема кадар. Треба да има измени на законот, каде вработените ќе се повеќе заштитени. Треба да се зголеми платата, а за да се зголеми платата треба да се зголеми и бројот на гости. Тоа е поврзано со стратегијата каде Охрид ќе живее шест месеци најмалку во годината, а не месец и половина“, вели Суклоски.

Но, Македонците, за две до три години можат да останат без платите кои сега ги земаат во Хрватска, поради се поголемиот наплив на работници од Непал и Индија, вели Никола. Тие работеле за многу помалку односно за минимална плата во Хрватска, која изнесувала околу 720 евра. Еве што му одговорил еден од тамошните газди.

„Ако ме земе мене ќе сум само јас. Ми кажа дека може да земе шест Индијци или Непалци, наместо мене. За две-три години Македонците ќе се скап стандард за Хрватите“, вели Петрески.

Инаку во 2021 година во Хрватска, како што објави Дојче Веле на Македонски, работеле речиси 6.000 Македонци, а ланската 2022 година, бројот на издадени дозволи на македонски граѓани е нешто над 10.000.

XS
SM
MD
LG