Линкови за пристапност

САД даваат поддршка, но, влезот на Македонија во НАТО зависи од преговорите со Грција


Изјави за Гласот на Америка Кеј Бејли Хатчисон, американската амбасадорка во Алијансата

Американската администрација не ја напушта оптимизмот дека е можно до јулскиот Самит на НАТО Македонија и Грција да постигнат решение за прашањето за името.

И покрај ситуацијата „топло-ладно“ во преговорите меѓу двете земји во последните недели, дипломатите на најмоќната земја-членка на Алијансата, очекуваат дека сепак разговорите меѓу Скопје и Атина, како на политичко, така и на техничко ниво, навреме успешно ќе завршат за процесот за пристапување на земјава да стартува во јули.

„Алијансата јасно кажа дека Македонија ги исполнува условите, освен името, и дека штом тоа се среди, ние сакаме земјата да стане полноправен партнер. САД го поддржуваше приемот на Македонија и секако се надеваме дека тоа може да се случи на овој Самит, но, тоа зависи од финалните преговори меѓу двете земји“, изјави Кеј Бејли Хатчисон, амбасадорка на САД во НАТО.

На прашањето што ќе се случи ако процесот на заврши успешно, и кој ќе биде планот Б на Вашингтон за Македонија, имајќи ги предвид бројните изјави на американски претставници за „малигно руско присуство“, не само во Македонија, туку во регионот, таа рече:

„Ако прашањето за името не е решено пред Самитот на НАТО и не може да почне пристапувањето, ние ќе продолжиме да работиме и да ги градиме одбраните од хибридните војни и малигните влијанија. Имаме блиска соработка со Македонија и се` што властите ќе ни предочат, а ние можеме да помогнеме. Не можам да одговорам на нешто што од нас не било побарано, но, можам да кажам дека сите во НАТО сакаме да направиме се` што можеме за да помогнеме за Македонија да се одбрани од какви било малигни руски влијанија, какви било хибридни војни и активности, кои знаеме дека Русија ги преземала во други земји кои сакаат да станат дел од НАТО. Ќе им помогнеме на сите овие држави, особено на Македонија“.

Владата и премиерот Зоран Заев се воздржуваат од коментари, ниту пак изнесуваат детали за процесот – изјавите се куси, дека штом има нешто ново јавноста ќе биде информирана.

Молк и за тоа кога телефонски би разговарале двајцата премиери што би било сигнал дека „клопчето“ за името почнува да се одмотува.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG