Со звукот на училишното ѕвоно, кој го означува почетокот на првиот училиштен час, запира и звукот кој доаѓа од мобилните телефони. Дел од основните училишта во Охрид ја забранија употребата на мобилни од страна на учениците, за време на нивниот престој во училиштата. Има повеќе причини за тоа.
„Причината ја лоцираме во честата злоупотреба на телефоните, во намалената концентрација на децата за време на часовите, намалената емпатија, намаленото дружење меѓусебно, читање книги. И затоа донесовме одлука за дополнување на куќниот ред и етичкиот кодекс, со забрана за користење на мобилните телефони во училишните простории“, изјави за Гласот на Америка на македонски, директорката на ОУ Григор Прличев - Охрид, Лилјана Ефтимовска.
Во некои училишта санкциите се поригорузни и тие предвидуваат одземање на телефонот од ученикот до крајот на учебната година. Таков е примерот во основното училиште Христо Узунов - Охрид.
„Претходно телефоните кога беа одземени од страна на наставниците им се враќаа на учениците само доколку дојдеше и го подигнеше родителот. Сега новитетот е доколку на час му се одземе од страна на наставник, му се враќа на 17-ти јуни по завршувањето на учебната година. За тоа секој родител на први септември потпиша изјава дека се сложува со таа постапка“, вели диреткроката на училиштето Марина Ѓоргоска.
Сè повеќе училишта низ државата применуваат вакви мерки.
„Ние сакавме додека се мали во основните училишта тој потег да го преземеме и да направиме поквалитетно образование“, вели Ѓоргоска.
Најзагрижувачки бил фактот од злоупотребата на мобилните уреди за време на часовите.
„Најмногу злоупотреба имаше за време на наставата. Учениците немаа доволно концентрација во наставниот процес и самиот час. Имаше злоупотреба од нив и надвор од училиштето, меѓутоа тоа се рефлектираше и внатре во училиштето со тоа сајбер насилство и низа проблеми кои произлегуваат од користењето за време на престојот во училиште“, вели Ефтимовска.
„Мобилните телефони ги користеа за снимање на часовите и беа објавувани несоодветни содржини на интернет. Учениците некогаш ја сметаат таа работа, како шега, се снимаа за „Тик-Ток“, „Инстаграм“, сметаа дека ќе бидат интересни, но некогаш тоа е заминуваше во друг правец. Имавме случаи каде беа снимани наставници и објавувани на тие нивни портали и затоа презедовме таков чекор“.
Иницијативата за ваквата мерка доаѓа од родителите, но и од самите наставници. Но и ученици се согласуваат со истата.
„Многу добар потег е што ги забранија мобилните телефони, бидејќи децата имаат поголема концентрација на часовите. Изминатиот период имаше неколку случаи на злоупотреба, но тие беа отстранети од страна на класните раководители“, вели ученичката Катерина Ангелоска.
„Со укинувањето на телефоните (учениците) повеќе знаат што се случува, повеќе се сконцентрирани, подобри оценки добиваат. Во некои училници има кутии каде ги оставаат телефоните, а во некои им ги даваат на наставниците и тоа е добро бидејќи децата не ги кријат телефоните“, вели ученичката Тамара Шајноска.
Некои европски земји, но и земји од регионот, како што е Албанија веќе ја забранија употребата на мобилните телефони, таблети и паметни часовници во училиштата. Во сетот препораки кој Владата во мај годинава ги донесе за безбедност во училиштата, беше и таа дека секое училиште треба да направи протокол за начинот на употреба на мобилните телефони на учениците и наставниците за време на часовите. Укинувањето на мобилните телефони за време на наставата ќе поттикне поголема дискусија и размена на идеи, стои во неа.