Линкови за пристапност

Колкаво е влијанието на бин Ладен?


Колкаво е влијанието на бин Ладен?
Колкаво е влијанието на бин Ладен?

Додека многу Американци ја слават смртта на Осама бин Ладен, други се загрижени за неговата продолжителна улога како инспирација за терористи и групи на омраза. Експерти од Лос Анџелес кои ја проучуваат улогата на бин Ладен како симбол велат - терористичкиот лидер може да го нема веќе, но тој не е заборавен.

Рабинот Абрахам Купер, помошник декан на Центарот Симон Визентал во Лос Анџелес, раководи со проект на проучување на групи на омраза на Интернет. Тој вели дека центарот видел зголемена комуникација меѓу милитантите во последните часови.

„Прво, неверување – дискусија за конспирација. Но повеќе од се` изрази на жал и лутина. И јас сум сигурен дека во следните часови и денови, таа комуникација ќе се претвори во одмазда, што да се стори да му вратиме на непријателот?!“, вели Купер.

И други теоретичари го проучуваат Осама бин Ладен да ги разберат неговите идеи и да ја проценат величината на неговото влијание. За време на изминатата деценија ал-Каида објави серија на добро публикувани аудио снимки. Еден калифорниски стручњак, Флаг Милер, го следи развојот на поранешното размислување на бин Ладен преку аудио снимки најдени во библиотеката на терористичкиот лидер во Кандахар, Авганистан, во 2001.

Телевизијата CNN дошла до над 1.500 снимки кои сега се чуваат во Универзитетот Јејл. Дваесет и две биле од бин Ладен, главно јавни обраќања во Саудиска Арабија и други муслимански држави. Другите се јавни обраќања од други муслимански мислители и лидери.

Стручњакот за религија Флаг Милер на Универзитетот на Калифорнија, вели дека снимките се одраз на дебата во рамки на внатрешниот круг на бин Ладен во врска со улогата на насилството, особено против Муслиманите и не-борците, за тоа како терористичкиот лидер ја дизајнирал милитантната порака во обид да придобие следбеници.

Единствена до сега објавена снимка била направена во 1996, и содржи декларација на војна на бин Ладен против САД. Флаг Милер тоа го нарекува храбар обид за мобилизирање на лабаво поврзаното џихадистичко движење.

„Тој бил избркан од Саудиска Арабија. Отишол во егзил од Судан под американски притисок. Така, кон крајот на летото во 1996, тој ја дава оваа изјава на објава на војна против САД. Тоа е чудна изјава зашто тој нема политичка партија, нема движење, останал без пари“, вели Милер.

Милер вели дека бин Ладен не бил стручњак, но дека лидерот на ал-Каида уметнички ги споил проповедањето и поезијата, и зафатил традиционални муслимански теми во неговото поттикнување на војна против Запад.

„Кога пораката дека САД се главниот непријател станала очигледна во неговите говори, тој ја загуби пошироката публика која верувала дека тој не обрнува доволно внимание на регионални прашања, вклучувајќи ги Палестинците и други прашања. Но, тој ги придоби тврдокорните милитанти кои ја споделувале неговата визија“.

Милер вели дека во раните говори бин Ладен покажал трпелив напор за регрутирање на следбеници за поместување на нивното внимание од регионални проблеми, како што е лоша влада во муслиманскиот свет, на она што тој го опишал како космичка борба. Милер вели дека бин Ладен минал низ истата промена во своето сопствено размислување и реторика.

Ал-Каида сега има софистицирано присуство на Интернет за промовирање на размислувањето на бин Ладен. Но рабинот Абрахам Купер од Центарот Симон Визентал вели дека други интернет сајтови се исто така опасни. Тој забележува дека радикалниот муслимански свештеник Анвар ал-Авлаки користи високотехнолошка комуникација за поттикнување на акти на насилство, и дека ал-Авлаки бил успешен во регрутирање на таканаречени волци-самотници.

„Напаѓачот од Форт Худ, Џихад Џејн, осуетениот напад на Нова Година во Њујорк – сите тие имаат врска со овој човек преку и-меил. Така, имате употреба на Интернет што на разузнавачите им отежнува идентификување на потенцијални проблеми“, вели Купер.

Флаг Милер вели дека важноста на мачеништвото за радикалните џихадисти значи дека бин Ладен ќе продолжи да има влијание како симбол и покрај неговата смрт. Сепак, тој вели дека губитокот на харизматичниот лидер на ал-Каида е голем удар за терористичката мрежа.

Рабинот Купер вели дека начинот на кој бин Ладен е отстранет, со лице-в-лице конфронтација, додава на чувството на постигната правда за неговите жртви. Но, Купер предупредува дека американските лидери треба да ги проценат ризиците од другите кои се инспирирани од Осама бин Ладен.

XS
SM
MD
LG