Линкови за пристапност

Убиството на лидерот на Сиките ги заостри односите меѓу Канада и Индија


Светот го гледа несогласувањето меѓу Индија и Канада околу убиството на сепаратистот Ниџар на канадска територија
Светот го гледа несогласувањето меѓу Индија и Канада околу убиството на сепаратистот Ниџар на канадска територија

Од тврдењето на Канада дека агенти на индиската влада одиграле улога во убиството на водачот на Сиките на канадска територија, дипломатските односи меѓу двете земји станаа напнати. Известува Вероника Балдерас Иглесијас.

Додека светот го гледа несогласувањето меѓу Индија и Канада околу убиството на сепаратистот Сики на канадска територија, американскиот државен секретар Антони Блинкен се сретна со индискиот министер за надворешни работи Џаишанкар. САД засега не се вклучени во улогата на посредување.

„Нема да зборувам за тоа што се зборува во приватните дипломатски разговори. Ќе кажам само тоа што имам јас да го кажам, а тоа е дека ги повикуваме да соработуваат со канадската истрага“, изјави Метју Милер, портпарол на Стејт департментот на САД.

Канадскиот премиер Џастин Трудо пред Долниот дом и на маргините на Генералното собрание на ОН рече дека агенти на индиската влада биле вклучени во убиството на Хардип Синг Ниџар, поборник за независната држава на Сиките во Индија, кој беше убиен во предградие на Ванкувер во јуни.

Индиската влада го сметаше Ниџар како терорист во бегство, а тврдењето на Канада го нарече „апсурдно“. Но, Џаишанкар рече дека Индија е подготвена да ги погледне доказите.

„Треба да ги дознаеме тие специфики, но исто така се поставува прашањето за територијалниот суверенитет, за тоа дали една демократија може да ги заштити своите граѓани и дали демократиите можат да си веруваат една на друга“, смета Леланд Лазарус, аналитичар од Меѓународниот универзитет во Флорида.

„Без да се дистанцираат од клучниот сојузник Канада, во најдобар интерес на САД е да се зближат до Њу Делхи“, вели експертот за меѓународни односи на Универзитетот во Јужна Калифорнија, Патрик Џејмс.

„Не треба да се спротиставуваме со Индија во период кога постои вистинска загриженост за тоа дали има доволно ресурси за да се ограничи кинеско-руската коалиција која во моментов изгледа многу агресивно“, додава Џејмс.

Додека заедницата на Сиките во различни делови на светот бара одговори, официјалните лица на САД ја охрабруваат Индија да соработува со Канада и нагласија дека транснационалната репресија каде било во светот е исто така и грижа за Вашингтон.

XS
SM
MD
LG