Линкови за пристапност

Убиени 9 Американци во Израел, ЕУ ја прекина помошта за Палестинците


Американските власти во понеделникот објавија дека девет Американци се убиени во Израел и дека неколку американски државјани се исчезнати, по нападот на Хамас во кој загинаа 700 Израелци.

„Сега можеме да ја потврдиме смртта на девет американски државјани. Можеме да потврдиме дека има граѓани кои се водат за исчезнати и соработуваме со нашите израелски партнери за да утврдиме каде се наоѓаат“, изјави портпаролот на Стејт департментот Метју Милер.

Портпаролот на националната безбедност, исто така, потврди дека се убиени девет Американци, кои се уште не се идентификувани.

Исто така, се стравува дека повеќе од 10 Британци се убиени или исчезнати во Израел, јавува Би-Би-Си повикувајќи се на неименуван извор. Меѓу жртвите има државјани на неколку други земји, меѓу кои и Украинци.

Борците на исламистичката група Хамас убија 700 Израелци и киднапираа десетици по нападот на израелските градови во саботата. Тоа е најсмртоносниот упад на израелска територија од нападите на Египет и Сирија пред 50 години. Израел одговори на последниот напад на Хамас со бомбардирање на Газа, при што загинаа стотици Палестинци.

Во меѓувреме, големите авиокомпании ги прекинуваат летовите кон Израел. Меѓу нив се „Американ ерлајнс“, „Јунајтед“ и „Делта“, додека Стејт департментот предупреди да не се оди во регионот поради можноста од тероризам и немири. И другите светски авиокомпании ги откажуваат летовите.

Во Брисел, Европската комисија во понеделникот објави дека ќе прегледа 691 милион евра развојна помош за Палестинците и веднаш ќе ги прекине сите плаќања.

„Теророт и бруталноста врз Израел и неговиот народ е пресвртница. Веќе не може да биде како порано“, рече европскиот комесар за проширување Оливер Вархеи на Ex.

XS
SM
MD
LG