Претставници на полицијата и службите за итни случаи во Прага претходно соопштија дека повеќе од 10 лица се убиени, а околу 30 се ранети во пукање во кампус на колеџ во стариот дел на чешката престолнина.
Полицијата соопшти дека одговорила на повикот околу 15 часот по тамошно време до Карловиот универзитет лоциран на прашкиот плоштад Јан Палах во историскиот кварт на стариот град. Тие објавија дека најмалку една универзитетска зграда, плоштадот и неколку околни улици се евакуирани.
Полицијата подоцна соопшти дека напаѓачот бил „елиминиран“, без да понуди детали за напаѓачот или за жртвите. Во изјавата чешкиот министер за внатрешни работи Вит Ракусан рече дека ниту еден друг напаѓач не бил на местото на настанот и ги повика луѓето да соработуваат со полицијата.
На видеото објавено на социјалните мрежи се гледа како луѓето бегаат од плоштадот додека возилата за итни случаи пристигнале на местото на настанот.
Според последните информации, повеќе од 15 лица загинале во денешниот напад, додека убиецот од Прага е студентот Давид Козак.
Некои информации за овој извештај се од Асошиетед прес, Ројтерс и Франс прес.