Линкови за пристапност

Затворени 200 профили поврзани со Русија


Претставници на Твитер на распит во Конгресот кажаа дека идентификувале профили кои активно работеле за руски интереси за време на изборите во САД

Твитер пред Комисиите за разузнавање во Претставничкиот дом и Сенатот, истакна дека затворил преку 200 профили, откако утврдил дека биле поврзани со Русија, со обид да се вмешаат во политиката на САД.

Сесиите зад затворени врати во Конгресот беа организирани по слични вакви брифинзи со Фејсбук порано месецов, којшто исто така се согласи на законодавците да им обезбеди 3.000 реклами поврзани со Русија, а кои опфаќале различни социјални и политички прашања.

Комисиите го разгледуваат ширењето на лажни вести и дали некој во САД помагал во насочувањето на содржината до одредени корисници. Во случајот на Твитер, ова вклучува истражување на таканаречени „бот“ профили, креирани за брзо и автоматски да ги шират информациите.

„Од околу 450 профили што Фејсбук неодамна ги сподели како дел од нивната евалуација, заклучивме дека 22 кореспондираат и со Твитер. Сите идентификувани профили веднаш биле суспендирани поради прекршување на нашите правила“, објави Твитер во блог во четвртокот. „Од тие профили дополнителни 179 откривме дека имаат врска или биле поврзани со други профили, по што преземавме акција врз оние кои функционирале спротивно на нашите правила“.

Твитер воедно додаде дека руската веб-страница RT на неговата платформа, во 2016-та година потрошила 274.100 долари.

Сепак, и покрај обелоденувањата, влијателните законодовци рекоа дека се разочарани од тоа како Твитер се справил со проблемите.

Конресменот Адам Шиф, демократ од Калифорнија, рече дека „голем дел од информациите што Твитер ги користел за идентификување на профили поврзани со Русија, биле извлечени од анализата на Фејсбук, и дека е јасно дека Твитер треба да допрва да направи свое испитување за да ја разбере длабочината и широчината на руската активност за време на кампањата“.

Сенаторот Марк Ворнер од Вирџинија, кажа дека компанијата „покажала огромен недостаток на разбирање, за тоа колку е сериозно ова прашање и за заканата што ја претставува за демократските институции“.

Средбите со овие технолошки компании досега беа затворени за јавноста, но Комисиите за разузнавање и во Претставничкиот дом и во Сенатот, планираат да одржат јавни расправи за употребата на интернет-помагалата, во врска со напорите да се влијае на изборите.

Комисиите го поканија Фејсбук, Твитер и матичната компанија на Гугл, Алфабет, на панел-расправи во Претставничкиот дом, планирани за октомври, а сенатската Комисија истото ќе го стори на почетокот на ноември.

Американските разузнавачки агенции во извештај објавен порано годинава, проценија дека рускиот претседател Владимир Путин наредил кампања за влијание кон изборите во САД, со цел да ги зголеми шансите Доналд Трамп да победи на изборите, истовремено нанесувајќи ја кампањата на кандидатката Хилари Клинтон.

Претседателот на САД Доналд Трамп, изрази скептицизам за овој заклучок. Во јули тој кажа дека „би било многу добро да била Русија, но дека би можело да бидат и други земји, и нема да конкретизирам“.

Трамп, кој честопати ги критикува медиумите, во средата преку Твитер сугерираше дека Фејсбук соработувал со телевизиски компании и главни американски весници, со цел за време на изборите да работи против него.

„Трамп вели дека Фејсбук е против него. Либералите велат дека сме му помогнале на Трамп. И обете страни се вознемирени заради идеите и содржините коишто не им се допаѓаат. Вака изгледа една платформа каде може да се најдат сите идеи“, изјави неодамна основачот на Фејсбук, Марк Цукенберг.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG