Популарниот сервис за микроблогирање Твитер објави дека има нова технологија што овозможува цензурирање на пораките на база од-држава-до-држава со цел да се почитуваат законите во светот.
Компанијата со седиште во САД на својот блог неделава соопшти дека се` уште не ја користи технологијата, но ако ја користи, ќе се појави порака за оној што постира порака на Твитер – дека „твитот“ е отстранет со цел да се почитува законот во земјата во која корисникот оперира.
Овој приод е во силен контраст со изјавата што дојде од Твитер пред една година што гласи „Твитовите мора да течат“, ветувајќи дека нема да има цензура на пораките додека тие помагаат на анти-владините движења во голем број држави на Блискиот исток.
Твитер не даде причина за промената, освен што кажа дека со ширењето на меѓународно ниво, тоа влегува во земји каде има различни идеи за слобода на изразувањето. Имено, законите биле такви што Твитер не може воопшто да егзистира во некои држави, додека други нации имаат слични закони како на американските но имаат и рестрикции на одредени теми.
Беше даден примерот со Франција и Германија, каде говор што е про-нацистички е забранет. Твитер не посочи на други држави, но Тајланд може да е друг пример, зашто таму е нелегално да се зборува против монархијата.
Твитер не оперира во држави каде има ригорозна контрола на медиумите, како што е Кина.