Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган има нов петгодишен мандат, откако победи на вториот круг од изборите за кои членовите на опозицијата се надеваа дека ќе го соборат поради кризата со трошоците за живот.
Ердоган победи во вториот круг во неделата со 52,2 отсто од гласовите, наспроти противникот Кемал Киличдароглу со 47,8 отсто.
„Им благодарам на секој член на нашата нација што ми ја довери одговорноста да управувам со оваа земја уште еднаш во наредните пет години“, им рече Ердоган на своите поддржувачи.
„Би сакал да им се заблагодарам на сите наши граѓани кои со својот глас на изборите ја покажаа својата волја за иднината и за себе и за своите деца“, додаде Ердоган.
Киличдароглу не го оспори исходот, но ги нарече изборите „најнефер“ во последните години.
„Сите средства на државата беа мобилизирани за политичка партија“, рече Киличдароглу.
„Сите можности беа ставени под нозете на еден човек“, додаде тој.
Ердоган се сметаше за фаворит на гласањето во неделата, откако за малку недостасуваше победа во првиот круг.
Критичарите го обвинија Ердоган за поткопување на демократијата, затворање на критичарите и централизирање на моќта. Киличдароглу вети дека ќе ја врати Турција во парламентарна демократија и ќе ги ослободи истакнатите политички затвореници.
Бура, гласач кој сакаше да биде идентификуван само по неговото име, рече дека самата демократија е на гласачкото ливче.
„Народно владеење, република, тоа се вредностите што дојдовме овде да ги браниме. 20 години оваа влада само се обидува да не доведе до легитимна монархија, обидувајќи се да го направи парламентот нефункционален“, рече тој.
Но, Ердоган ја одигра националистичката карта, обвинувајќи го својот предизвикувач дека е мек кон тероризмот и инсистирајќи на тоа дека на земјата и треба силно лидерство за да се спротивстави на западните сојузници на Турција и да се движи по опасните предизвици што ги поставува соседството што ги вклучува Сирија и Украина.
Тоа е став што одекна кај друг гласач, Јунус Коз.
„Тоа е многу важно. Јас сум муслиман, јас сум Турчин, многу ја сакам оваа татковина и сакам мојата татковина да остане во рацете на Таип Ердоган. Другата страна сака таа да биде во рацете на империјалистичките сили“, рече Коз.
Меѓу оние кои му честитаа на Ердоган по неговата изборна победа беа кралот на Саудиска Арабија Салман и престолонаследникот Мохамед бин Салман, египетскиот претседател Абдел-Фатах ел-Сиси и претседателот на ОАЕ Шеик Мохамед бин Зајед Ал-Нахјан. Меѓу западните организации и лидери кои му честитаа беа Европската унија и НАТО, американскиот претседател Џо Бајден Францускиот претседател Емануел Макрон, украинскиот претседател Володимир Зеленски и рускиот претседател Владимир Путин, кој го нарече Ердоган како негов „драг пријател“, тврдејќи дека турскиот народ ја цени независната надворешна политика на Ердоган.
Наспроти загриженоста на традиционалните западни сојузници на Турција, Ердоган разви блиски односи со Путин и покрај руската инвазија во Украина. Врска што Ердоган вети дека ќе се продлабочи за време на неговата изборна кампања.
Некои информации во овој извештај дојдоа од Асошиетед прес, агенцијата Франс прес и Ројтерс.