Линкови за пристапност

Турција ги засилува ограничувањата врз медиумите


Турскиот претседател го потпиша контроверзниот закон за нова контрола на Интернетот што предизвика загриженост и критика

Веб-страницата Vagus.tv претставува мешавина од професионално и граѓанско новинарство. Според основачот Сердар Акинан, таквите страници станале многу популарни , особено последниве два месеци, благдарение на екстензивни наводи за корупција во високите владини редови. Но Акинан вели дека известувањето за корупцијата ја ставило самата Vagus во вестите:

„Започнавме со објавување на наводи за корупција поврзани со премиерот Реџеп Тајип Ердоган. Но наеднаш, една вечер, пред две недели, тие ни ја затворија страницата. Дванаесет дена бевме затворени, но откако јас станав тема во Турција ... беа принудени да ја отворат.“

Во обраќање во парламентот, Кемал Киличароглу, лидер на главната опозициона Републиканска народна партија, бараше објаснување зошто веб-страницата Vagus била блокирана. Тоа се чини дека донесе резултат и властите повторно ја отворија, без многу објаснување.

Ова не е прв пат Акинан да биде во судир со владата. Тој некогаш бил добро познат новинар од главните текови, работејќи како уредник во некои од врвните телевизиски станици за вести во Турција.

Но, тој тврди дека станал обележан заради практикување уредничка политика што е независна, вклучувајќи го и известувањето за премиерот Ердоган.

„Пред две години јас бев главен уредник на Скај Турк Њуз, но заради мојата политика на известување имав голем притисок. Знам дека владата, особено премиерот Ердоган, силно притискаше да бидам отпуштен од работа, и тоа го постигнаа. Пишував и дневна колумна во Аксам, но и од таму бев отпуштен. Така се роди Vagus."

Комитетот за заштита на новинарите во неодамнешен извештај за нападите на медиумите во текот на изминатата година, го нагласија тоа што изгледа дека е широкораспространета политика во Турција, на отпуштање од работа на новинари кои ја критикуваат владата. Слична загриженостодрази Европската Унија во најновиот извештај за пријавата за членство на Турција. Овие обвиненија Турција ги отфрла, инсистирајќи дека слободата на медиумите е подобрена под нејзино раководство.

Лансирањето на Vagus.tv од страна на Акинан коинцидираше со бранот на анти-владини демонстрации од лани летото, познати како протести од Гези Паркот. Со широко верување дека главните медиуми биле под силен притисок на владата да не им даваат значење на нередите, веб-страници како Vagus го пополниле вакуумот. Но тоа се покажа како горчливо-сладок успех.

„Vagus, по протестите во Гези Паркот, доби два милиони посетители месечно, што е голема цифра за Турција. Заради големата посетеност рекламите пораснаа, но министерот не беше среќен и ставени бевме на црна листа“.

За Акинан изгледа дека ќе стане и полошо.

Порано месецов, илјадници луѓе протестираа против владиниот потег за проширување на контролата на Интернет. Големата легислатива на владеачката АК Партија и` дава моќ да затвори веб-страници ако смета дека се закана за слободата на поединци, без судски налог. Акинан признава дека новиот закон може да го отстрани од бизнисот.

„Пред тоа беше до судиите....сега е бирократијата. Бирократите го назначија премиерот. Нема веќе правда за новинарите. Јас и сопругата планираме да одиме надвор од Истанбул, да отвориме органска фарма и така да живееме.“

Набљудувачите предупредуваат дека Анкара најверојатно ќе добие повеќе домашен и меѓународен притисок во врска со Интернет и слободата на новинарите.

Во вторникот, претседателот Ѓул изрази загриженост заради намалената слобода на медиумите во Турција, велејќи дека медиумите имаат право да се кренат против „погрешна пракса.“ Тој го спореди глобалниот имиџ на Турција со светлина која била силна, но сега бледнее.
XS
SM
MD
LG