Линкови за пристапност

Турција под притисок заради можно купување проектили од Кина


Анкара се соочува со се` поголем притисок од своите сојузници во НАТО по соопштението дека преферира понуда од кинеска компанија

Генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен неделава ја предупреди Анкара дека секаков договор за оружје што ќе го склучи мора да биде компатибилен со нејзините сојузници. Тој коментар уследи по соопштението на Турција дека кинеска компанија има најдобри шанси за мулти-милијардерски договор за проектили што турската одбрана ќе ги купи. Други држави-членки на НАТО исто така имаат приговор на таа најава.

Но портпаролот на турското Министерство за надворешни работи Левент Гумрукчу вели дека само Турција може да одлучи какво оружје ќе купи. Тој исто така рече дека Турција ќе обезбеди оружјето да биде компатибилно со нивната одбрана и со одбраната на НАТО, и дека тука нема спор.

Анкара инсистира дека нема донесено конечна одлука, но многу е веројатно дека ќе потпише договор со кинеската компанија Precision Machinery Import and Export Corporation. Нивната понуда била далеку поевтина од европските и американски конкуренти. Стручњаците велат дека усогласувањето на кинескиот систем со системите на НАТО технолошки е возможно.

Сепак, Синан Улген од Карнеги на Европа, од Брисел, вели дека е малку веројатно НАТО да се согласи.

Интегрирањето на кинески систем во чувствителната инфраструктура носи ризици, вели тој. Еден од нив, според него, е што ќе бидат инволвирани кинески експерти и што некои информации може да дојдат до Кина.

Друга опасност е потенцијалот за кибернетски напад од Кина на НАТО инфраструктурата.

Дополнителна загриженост за САД е што кинеската компанија е на листата за санкции заради имање бизнис со држави како Северна Кореја и Иран.

Кадри Гурсел, дипломатски колумнист во весникот Милијет во Турција вели дека зад одлуката на Анкара веројатно е политика.

„Секоја ваква одлука е политички избор кога се работи за оружје и одбрана. Тоа е голем политички чекор за Турција да покаже дистанца од западните сојузници, што особено ја загрижува западната алијанса“, вели тој.

Анкара вели дека нејзината определба за членството во НАТО не е во прашање.

Сепак, под притисокот врз турската влада, претседателот Абдула Ѓул кажа дека не е донесена конечна одлука и тој ја нагласи важноста од членувањето во НАТО.

Па сепак, со познатото незадоволство на турскиот премиер Реџеп Тајип Ердоган спрема сојузниците на НАТО заради неитервенирањето со армија во Сирија, и слична разочараност со Брисел во врска со застоените разговори за членство на Турција во ЕУ, набљудувачите велат дека Ердоган може да биде помалку чувствителен отколку во минатото спрема загриженоста на неговите партнери во воената алијанса.
XS
SM
MD
LG