Линкови за пристапност

Вредноста на турската лира и натаму опаѓа


САД минатиот петок ги удвоија царините за турскиот извоз на челик и алуминиум. Турската централна банка соопшти дека ќе ги преземе „сите неопходни мерки“ за да ја стабилизира економијата

Турската централна банка не успеа да го запре падот на лирата, а турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган ги обвини САД за „намерен обид да и` се наштети на економијата во државата.

„Заедно сме во НАТО, а потоа барате да го прободете својот стратешки партнер во грб. Може ли такво нешто да се прифати?“, истакна Ердоган.

Вредноста на турската валута годинава опадна за 40 отсто, во петокот забележа пад од 16 отсто, а денеска уште седум проценти.

Турската централна банка соопшти дека ќе ги преземе „сите неопходни мерки“ за да ја стабилизира економијата. Но, светските брокери изразија разочарување што банката не ги зголемила каматните стапки, потег што бројни економисти сметаат дека е неопходен за да се намали кризата.

Претседателот на САД Доналд Трамп, минатиот петок ги удвои царините за турскиот извоз на челик и алуминиум, делумно како одговор на Турција, која одби да го ослободи американскиот свештеник Ендрју Брунсон, кого Турција го обвинува за шпионажа и се наоѓа во домашен притвор, пред да се почне судскиот процес.

Ердоган кажа дека Турција се соочува со „економска опсада“, а падот на лирата го нарече „напад врз државата“.

Сепак, тој остана оптимист, велејќи дека динамиката на турската економија е цврста и ќе продолжи со тоа темпо.

Ердоган го обнови повикот до турските граѓани да ги продаваат доларите и да купат лири, а не американска валута, за да ја засилат валутата.

Тој сигнализираше дека Турција не е подготвена да понуди отстапки до САД или до финансиските пазари. „Ќе одговориме, ориентирајќи се на нови пазари, нови партнерства и нови сојузништва“, подвлече Ердоган.

Тој посочи дека односите на Турција со Вашингтон се загрозени.

„Се осмелувате да жртвувате 81 милион Турци, за свештеник кој е поврзан со терористички организации?“, рече турскиот претседател.

Доколку биде бсуден, Брунсон се соочува со казна затвор од 35 години.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG