Линкови за пристапност

Пардон за Леб и Путер


Традицијата во Белата куќа датира од 1865-та

Претседателот Доналд Трамп во чест на долгогодишната традиција на Белата куќа и претстојниот празник Ден на благодарноста, помилува мисирка. Помилувањето на „Путер“ и на неговата алтернатива, мисирката „Леб“, се случи во Градината на розите.

Трамп се шегуваше на настанот велејќи дека очекува пардонирањето да биде многу популарно кај медиумите, зашто „на крајот на краиштата, мисирките се блиски роднини на лешинарите“.

Мисирките „биле одгледани да останат мирни во секакви околности, што е многу важно бидејќи веќе примиле налог да се појават во визбата на конгресменот Адам Шиф, во четврток“, рече Трамп, алудирајќи на сослушувањата за импичмент.

„Леб и Путер, треба да кажам дека за разлика од претходните сведоци, ние се имаме сретнато“, додаде претседателот во уште една забелешка упатена на демократската истрага за импичмент.

Трамп прави политички шеги од неговото прво пардонирање на мисирки во 2017, кога рече дека „бил многу активен во преиначување на извршните акции преземени од неговиот претходник Барак Обама, но дека мисирките нема да ги подложи на тоа“.

Метју Костело, помошник директор во Националниот центар за историја на Белата куќа Дејвид М. Рубинстаин, вели дека „на овие настани претседателите се поопуштени и покажуваат кои се како личности“.

Инаку, Леб и Путер престојуваа во луксузниот хотел „Вилард“, во Вашингтон, пред пардонирањето, и ќе го минат остатокот од нивниот живот на имотот на Политехничкиот институт на Државниот универзитет на Вирџинија.

Пардонирањето на мисирки е редовно за празникот од времето на Џорџ Херберт Вокер Буш во 1989, но обичајот има подалечни корени.

Известувач од Белата куќа во 1865 има објавено дека претседателот Линколн пардонирал мисирка со која многу бил поврзан, вели Метју Костело. Но, таа мисирка требало да биде вечера за Божиќ, а не за Денот на благодарноста.

Првиот официјален пардон на мисирка бил во 1963, кога претседателот Џон Ф. Кенеди добил мисирка како подарок за вечера на Денот на благодарноста, но на 19-ти ноември решил да дозволи мисирката да живее. Три дена подоцна, врз претседателот бил извршен атентат во Далас, Тексас.

Пред помилувањата, мисирки биле испраќани како подарок за американските претседатели уште од 1870-те, вели Костело. Во раните 1920-те имало голем прилив на мисирки и друга живина и дивеч, што претседателот Калвин Кулиџ замолил да не бидат праќани. Меѓу животните што Кулиџ ги добил како подарок бил и ракун, што семејството на претседателот го задржало како домашно милениче и го нарекле Ребека.

Во поново време, Белата куќа пардонирањето го претвори во настан за социјалните медиуми, охрабрувајќи ги луѓето да учествуваат со предлагање име за мисирките преку интернет.

По пардонирањето на мисирките, Трамп и првата дама Меланија Трамп заминаа од Белата куќа да го прослават празникот во Флорида, во неговото одмаралиште со терен за голф Мар-а-Лаго.

XS
SM
MD
LG