Линкови за пристапност

130.000 сириски Курди преминале во Турција


Од крајот на минатата недела – наваму, бегајќи пред налетот на милитантите на Исламската држава

Над 130.000 сириски Курди ја минале границата и влегле во Турција од крајот на минатата недела – наваму, бегајќи пред налетот на милитантите на Исламската држава (ИД), според турски претставници.

Заменик-премиерот Нуман Куртулмус најави дека владата очекува бројот да порасне и дека е подготвена во случај ситуацијата дополнително да се влоши. Во Турција веќе се наоѓаат околу 850.000 сириски бегалци од граѓанската војна што започна во март 2011-та. Само годинава, во Турција засолниште побарале приближно 300.000 лица.

Најновиот наплив на бегалци е резултат на офанзивата на ИД во курдските области во северниот дел на Сирија од минатата недела. Со напредувањето на север од упориштето во Рака, Сирија, ИД ја зголеми територијата под своја контрола во земјата и во значителни делови на северен и западен Ирак. Курдската работничка партија (ПКК) ги повика турските Курди да земат оружје в рака и да ги бранат сириските погранични градови.

XS
SM
MD
LG