Линкови за пристапност

Турците не се ентузијасти за можниот напад врз Сирија


Турција вети поддршка за воен напад, како клучна воздухопловна база за САД, но турската јавност останува скептична.

Турската влада беше меѓу првите со барање режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад да се земе на одговорност за наводната употреба на хемиско оружје минатиот месец.

Синан Улген е научен соработник во Институтот Карнеги во Брисел. Тој вели дека Турција ќе биде силен сојузник на САД во случај на каква било акција што Вашингтон ја презема против Дамаск. Тој сепак предупредува дека разликите остануваат.

„Турција ја поддржува идејата да се казни Асад и неговиот режим за употребата на хемиско оружје. Разликата е во тоа што Турција се залага нападот да биде што е можно поамбициозен за да помогне во остварување на целта за соборување на Асад од власт“, вели овој аналитичар.

Претседателот Барак Обама е категоричен во ставот дека каков и да е напад против Сирија ќе биде со ограничен домен и крајната цел нема да биде отстранување на режимот. И покрај постоечките разлики, Семих Идиз, дипломатски колумнист за турскиот весник Тараф, вели дека Анкара ќе застане зад евентуална операција против Сирија предводена од САД. Тој сепак додава дека, таквата поддршка можно е да биде ограничена.

„Министерот за надворешни работи Давитоглу истакна дека Турција би била подготвена да учествува во коалицијата на добра волја, доколку се воспостави таква. Но, тука се поставува мошне сериозно прашање дали Турција може навистина да земе учество во каква и да е воена операција против Сирија. Идејата е мошне непопуларна меѓу турската јавност и опозицијата, која тврди дека треба да биде со мандат на парламентот, а таков мандат не постои“.

Многумина аналитичари веруваат дека Турција во акцијата нема да учествува воено, туку ќе обезбеди логистичка поддршка и тоа главно преку базите што САД ги имаат во оваа земја, како Инџирлик.

Сепак, дури и доколку Турција дозволи да се користат базите и нејзиниот воздушен простор, може да значи соодветен ризик за неа. Експертите додаваат дека Анкара е загрижена дека ограничена американска воена операција остава простор за одмазда од страна на Сирија.

Еден вид одмазда, велат стручњаците е тероризам, како што беа нападите во мај, најкатастрофалниот терористички напад во турската модерна историја, а вториот вид е теоретски и воено, Турција да стане цел на сириското хемиско оружје.

Минатиот јуни во Турција се случија најинтензивните анти-владини протести во изминативе децении, за време на кои беше изразено незадоволство од начинот на владеење на турскиот премиер Реџеп Ердоган.

Политиката на Анкара за поддршка на сириските бунтовници, според испитувањата на јавното мислење, нема речиси никаква поддршка, дури и меѓу владините поддржувачи. Аналитичарите предупредуваат дека турската влада може да плати висока цена за каква и да е поддршка на напади под водство на САД против Сирија, доколку тие се случат.
XS
SM
MD
LG