Линкови за пристапност

Референдумот во Турција открива економски проблеми


Економскиот пад се наведува како причина за опаѓањето на поддршката за турскиот претседател

Победата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на референдумот за зголемување на неговите овластувања, се смета за мешан успех.

За прв пат тој загуби во поголемите градови во Турција, вклучувајќи го и Истанбул, кој е негова изборна база од 1994-та година. По тесната победа Ердоган нареди партиска истрага за гласањето. Падот на поддршка се совпаѓа со економскиот пад, лош знак со оглед на фактот дека претседателот се соочува со клучно гласање за две години.

Големите изборни успеси на Ердоган беа постигнати во период на економски бум, но се чини дека ова време е поминато.

„Во моментов, стапката на инфлација е 11,3 проценти, во наредните месеци и се очекува да се зголеми на околу 12 проценти“, вели Инан Демир, економист во "Номура бенк". „Тоа ќе претставува највисока стапка на инфлација од пред глобалната финансиска криза во 2009-та година. Исто така, невработеноста е најголема последниве неколку години. Значи зборуваме за значителен скок на стапката на инфлација и невработеност,“ вели тој.

Влијанието на економската криза се чувствува најмногу во западниот дел на Турција, од каде што доаѓа 70 отсто од економското производство во земјата. Во истиот регион беше највидлив падот на поддршката за претседателот на референдумот. Иако прогнозите се дека турската економија ќе расте побрзо од онаа на Европа, таа е се` уште е под стапката на потребниот раст, потребен за да се вклучат сите нови лица на пазарот на трудот.

Незадоволна младина

Неочекуваниот исход од гласањето на референдумот е резултат на тоа што мнозинството од младите гласаше „не“, во спротивност со традиционалната и одлучна поддршка која ја даваа за Ердоган.

„Невработеноста влијае на оние кои гласаат за прв пат. Стапката на невработеност кај младите според последните податоци беше 25 отсто,“ вели Атила Јесилада, политички консултант во Global Source Partners. „Педесет и осум проценти од гласачите кои гласаа прв пат, гласаа „не.“

Според истражувањето на Организацијата за економска соработка и развој – ОЕЦД, турските студенти се најнесреќни во светот. 72 проценти од нив одговориле дека се многу незадоволни со условите. Со високата стапка на млада популација во Турција, шест проценти од гласачите во следниот изборен циклус кој ќе се одржи во март 2019 –та година, ќе бидат лица кои ќе гласаат за прв пат на избори. По мое мислење тоа значи губење на моќта.“ (на Ердоган).

Во 2019-та се закажани три гласања – општи, локални и претседателски избори.

Успехот на Ердоган на референдумот се должи делумно на големата поддршка која ја доби од најголемата рурална област во земјата, позната како Анадолија. Регионот имаше најголема корист од зголемувањето на државните социјални придонеси за време на неговото владеење.

Во периодот пред референдумот, владата повторно се сврте кон државна интервенција, со започнувањето на големи програми на евтини кредити за бизниси, системи за создавање на работни места, и масовни јавни проекти.

Предвремени избори?

Економистите предвидуваат дека заради големиот долг кој го имаат поединците и приватните компании, најверојатно е дека ќе има потреба од поголема државна интервенција.

Притисокот за предвремени избори ќе се зголеми откако пред владата ќе се постави прашањето како ќе се финансираат растечките економски и финансиски програми, предупредува Јесилада.

Со оглед на тоа дека темел на изборниот успех на Ердоган е создавањето на економски просперитет, продолжувањето на овие програми во крајна линија може да определи каква ќе биде неговата судбина.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG