На прес-конференција во Анкара, набљудувачите од Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), соопштија дека кампањата „Не“, се соочила со бројни пречки, како што е недостаток на слобода на изразување, заплашување и пристап до медиумите. ОБСЕ јави и за наводна злоупотреба на јавни средства од страна на претседателот Реџеп Таип Ердоган.
Цезар Флорин Преда од ОБСЕ, ја издвои контроверзна одлука да се дозволи употреба на гласачки ливчиња без официјален печат, означувајќи ги како легитимни.
„Врховниот изборен одбор подоцна во денот објави инструкции со што значително се променија критериумите на валидност, ослабувајќи ја важната заштита, спротивно на законот“.
Турското Министерство за надворешни работи, објави соопштение во кое се вели дека „жали“ за заклучоците на ОБСЕ оти референдумот не ги исполнил меѓународните стандарди. Министерството заклучоците ги нарече „неприфатливи“, а ОБСЕ ја обвини за политичка пристрасност.
Во изборниот закон на земјата донесен во 2010-та година, сите гласачки ливчиња треба да имаат службен печат, со цел да се спречат измами за време на гласањето.
Главната опозициска Народна републиканска партија, вели дека околу 1,5 милион гласачки ливчиња без печат можеле да бидат искористени за победа на референдумот. Потпретседателот на паријата, Булент Тезцан повика на повторување на гласањето.
Раководителот на Врховниот изборен одбор, Сади Гувен, ја бранеше одлуката да дозволи употреба на контроверзните гласачки ливчиња, повикувајќи се на зголемената побарувачка за време на гласањето. Тој кажа дека слични постапки биле спроведени и во минатото.
Критичарите укажуваа на претходна употреба на гласачки ливчиња без печат, пред воведувањето на изборниот закон, со кој се забранува оваа пракса. Гувен кажа дека нема информации колку од тие ливчиња биле употребени, признавајќи дека ја донел одлуката по консултација со владеачката партија.
Додека ОБСЕ одби да потврди дали недостатоците и тешкотиите при гласањето биле доволни да влијаат на исходот, нејзината оценка најверојатно ќе ја охрабри опозицијата и ќе надодаде на растечката меѓународна загриженост.
Засега Европа избегнува директно мешање, поттикнувајќи го Ердоган на дијалог со противниците.
Стејт департментот ја повика Турција да ги заштити основните права и слободи, во време кога властите работат на разрешување на спорните резултати.
(Доријан Џонс)
Facebook Forum