Линкови за пристапност

Итна седница на НАТО по барање на Турција


Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг: „Обединети сме во цврстата солидарност со нашиот сојузник Турција“
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг: „Обединети сме во цврстата солидарност со нашиот сојузник Турција“

Поради судирите во Сирија и Ирак; Генералниот секретар Столтенберг уште пред средбата искажа солидарност

НАТО денес оддржа ретка итна седница за поддршка на Турција, чијшто претседател Реџеп Таип Ердоган кажа дека армиските сили продолжуваат со акцијата против милитантите на Исламската држава и курдските бегалци во Сирија и Ирак.

„Нема да отстапиме во нашата битка против тероризмот“, изјави Ердоган на прес-конференција во Анкара. „Ова (...) ќе продолжи со истата решеност“.

Уште пред да започне средбата зад затворени врати во Брисел, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави: „Обединети сме во цврстата солидарност со нашиот сојузник Турција“.

Седницата беше закажана по барање на Турција, а во врска со судирите во Сирија и Ирак. Пред да замине во претходно закажана посета на Кина, Ердоган во Анкара порача дека е убеден дека НАТО ќе ги преземе „неопходните чекори“ во врска со кризата.

Анкара ја побара средбата согласно Членот 4 од основачкиот договор на НАТО којшто дозволува земјите да побараат консултација кога веруваат дека постои закана по нивниот територијален интегритет, политичката независност или пак безбедност. Од основањето во 1949-та, ова е само петта средба од ваков вид.

САД вчера најавија дека соработуваат со Турција на план за напад со којшто би се отстраниле бунтовниците на Исламската држава (ИД) од Сирија. Ваквата армиска операција би го ескалирала турското учество во борбата против милитантите во регионот.

Американско официјално лице за новинските агенции соопшти дека целта е да се создаде „зона без ИД“ за да „се обезбеди поголема безбедност долж границата на Турција со Сирија“. Но, истото лице наведе и дека заедничката американско-турска армиска операција нема да вклучи воспоставување на зона на забренето летање во регионот, нешто коешто Турција го бара веќе подолго време. САД стравуваат дека таквата зона, за запирање на воздушните напади на сириските сили во регионот, би ги вовлекла американските сили уште подлабоко во четиригодишната борба којашто неколку групации ја водат за смена на сирискиот претседател Башар ал-Асад.

XS
SM
MD
LG