Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на неколку наврати предупреди дека ќе употреби сила за да стави крај на присуството на курдските групи ЈПГ и ПКК во Сирија и Ирак.
Минатиот месец турски авиони извршија напади во ирачкиот регион Сингал насочени кон курдските сили.
Анкара тврди дека ЈПГ е продолжена рака на ПКК, која се бори против турската влада за поголеми права на малцинствата, и е прогласена како терористичка организација од страна на САД и Европската Унија.
Но, на ЈПГ, Вашингтон гледа како на најефикасна сила во борбата против Исламската држава. Поддржани од страна на американските сили, курдската милиција води уверлива битка против џихадистите во регионот.
Таквиот успех ја принудува Анкара да реагира, вели политичкиот консултант Атила Јесилада, од Global Source Partners.
„Во време кога разговараме, ПКК создава нова држава. Јас ги разбирам сириските Курди за нивните аспирации да формираат нова држава. Но инфраструктурата и луѓето се под контрола на ПКК. ПЈГ и ЈПГ се ништо. Турција не може да го дозволи ова“, коментира Јесилада.
Турција распореди пешадија и оклопни возила на границата на регионите под контрола на ЈПГ. Вашингтон и Москва како одговор распоредија вооружени сили во курдските региони на Сирија и Ирак во близина на турската граница, потег, на кој се гледа како на спречување на можна турска воена акција против ЈПГ.
Но, советникот на турскиот претседател предупреди дека силите на САД би можеле да бидат ненамерна мета од идни напади.
Пензионираниот генерал Халдун Сломатцтурк ветеран од турските воени акции во Ирак против ПКК, предупредува дека секоја прекугранична операција носи ризик.
Аналитичарите укажуваат дека заканите од употребата на турските воени сили на границата со Ирак и Сирија би можеле да претставуваат трик на Ердоган, за да добие поддршка од Москва и Вашингтон.
Но, поранешниот турски дипломат Селцен Ајдин, кој служел во регионот, предупредува дека турските воздушни напади од минатиот месец во Ирак, без да се предупредат сојузници на Турција, се знак за непредвидливоста на Анкара.
Како дополнение на ова се и домашните фактори. Со гласините за предвремени избори, некои сметаат дека турскиот претседател им се додворува на националистичките гласачи.
Аналитичарите укажуваат дека Ердоган е свесен за фактот дека упадот на турската армија во Сирија кој заврши во март, бил поддржан со големо мнозинство од страна на јавноста.
(Доријан Џонс)
Facebook Forum