Линкови за пристапност

Што сака Ердоган охрабрувајќи ги бегалците кон Грција?


Официјални европски претставници велат дека Ердоган со уцена сака да добие поддршка во борбата со сирискиот претседател

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека се надева на средбата со рускиот претседател Владимир Путин во четврток во Москва, да биде постигнат договор за прекин на огнот во северозападниот дел на Сирија.

Советникот на Ердоган Фахретин Алтун вели дека Турција очекува НАТО да прогласи зона на забрането летање во северозападна Сирија


„Се надевам дека тој ќе ги преземе неопходните мерки, како прекин на огнот, и дека ќе најдеме решение“, изјави турскиот лидер во телевизиско обраќање во понеделникот.

И неговите европски соседи се надеваат да биде постигнат договор. Дотогаш, тие сметаат дека мали се шансите Ердоган да престане да ги охрабрува воените бегалци, главно од Сирија, но и од други држави на Блискиот Исток, кои во моментов се наоѓаат во Турција, да се упатат кон Грција, по копнени патишта или со бродови. Ова е геополитички потег на Ердоган, велат официјални европски претставници, со цел да ги уценува за да му дадат поддршка во неговата борба за судбината на Идлиб со сирискиот претседател Башар Ал Асад.

Бројот на бегалци се зголемува по должината на турската граница со Грција откако Ердоган минатата недела објави дека ги „отвора вратите“ за барателите на азил во Европа.

Грција во неделата соопшти дека спречи повеќе од 10.000 бегалци да ја преминат границата со Турција. Меѓу барателите на азил има семејства со мали деца, соопшти Меѓународната организација за миграции. Грчки официјални претставници ги отфрлија тврдењата на Турција дека повеќе од 100.000 бегалци веќе ја преминале границата со Грција. И набљудувачите на терен велат дека турските тврдења се претерани. Репортерите кои се на граница велат дека виделе докази дека неколку стотици лица успеале да преминат преку границата.

Популистичките политичари во Европа брзо реагираа на заканите на Ердоган. Лидерот на италијанската анти-имиграциска партија Лига, Матео Салвини во саботата рече: „Подготвени сме да бидеме љубезни, но не и да бидеме третирани како идиоти.“ Тој рече дека ЕУ не треба да биде уценувана од Анкара.

Австрискиот канцелар Себастијан Курц во порака на Твитер напиша дека 2015 не може да се повтори. Тој предупреди дека ќе преземе унилатерална акција за да ги заштити австриските граници.

Според турски официјални претставници, Ердоган го предупредил францускиот претседател Емануел Макрон во телефонски разговор во саботата дека на повидок е мигрантска криза ако Владата на Асад не ја запре офанзивата во Идлиб. На својот француски колега Ердоган му рекол дека НАТО треба да покаже солидарност со Турција, како и да го подели товарот поврзан со бегалците.

Германската канцеларка Ангела Меркел и Макрон се во редовен контакт со рускиот претседател Владимир Путин и турскиот претседател со цел да разговараат за начините за ублажување на кризата во Сирија.

Но, аналитичарите велат дека турскиот лидер веројатно нема да види дека неговите планови за Идлиб се уништени, што би претставувало личен и политички неуспех.

Напуштањето на неговата интервенција во Идлиб веројатно ќе ги разгори домашните немири во Турција.

Советникот на Ердоган Фахретин Алтун вели дека Турција очекува НАТО да прогласи зона на забрането летање во северозападна Сирија. НАТО досега се воздржа од тоа, надевајќи се прашањето да се реши по дипломатски пат и со тоа да се стави крај на смртоносната воена конфронтација во Идлиб.

Сонер Кагаптај, аналитичар во Институтот за блискоисточна политика во Вашингтон, вели дека Турција се надева американскиот претседателот Доналд Трамп да се придружи на турското барање за две батерии на ракетите „Патриот“. Нивното присуство може да ги одврати сириските и руските воздушни мисии над Идлиб и да помогне во проверката на Асад во Идлиб, рече Кагаптај.

Во порака на Твитер, Кагаптај тврди дека едно од веројатните сценарија е „Идлиб да биде поделен, повторно, меѓу Асад и Анкара. Асад да го земе најголемиот дел од својата територија, а Анкара најголемиот дел од населението – се до следната криза “.

https://twitter.com/SonerCagaptay/status/1233451638947557383

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG