Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја предупреди ЕУ дека ако продолжи да и` се заканува на Турција, таа ќе ги отвори „вратите“ и илјадници мигранти ќе можат да влезат во земјите-членки на Унијата.
Во говорот на конгрес за правда за жените во Истанбул, Ердоган коментираше на необврзувачката резолуција одобрена од Европскиот парламент, а со која од земјите-членки се бара привремен прекин на преговорите со Турција за членство во Унијата, заради „диспропорционалната“ акција на Анкара по неуспешниот воен удар во јули годинава.
„Кога 50.000 имигранти стигнаа до пограничниот премин Капикуле, вие плачевте. Што би направиле ние ако Турција ги отвори границите? Ако ова продолжи, треба да знаете дека овие граници ќе бидат отворени. Ниту јас, ниту оваа земја се грижиме за празни закани“, рече Ердоган.
Членовите на Европскиот парламент по мерката гласаа со 479 „за“ и 37 „против“. Преговорите за членство на Турција во Унијата траат 11 години, но засега без напредок.
Порано годинава ЕУ постигна договор да врати одреден број мигранти во Турција, а за возврат земјата да добие помош за бегалците и забрзување на преговорите за членство.
Во рамки на истиот договор со ЕУ во март, Брисел се согласи на интензивирање на разговорите.
Ниту една од страните не очекува Турција да биде во позиција да се приклучи на ЕУ во скоро време.
Според најавите Турција повторно ќе биде главна тема на лидерите на Унијата, за време на нивниот редовен самит, што на 15-ти и 16-ти декември ќе се оддржи во Брисел.