Линкови за пристапност

Турција бара светските сили да постават зона на забрането летање во Сирија


Државите на НАТО на итен состанок по барање на Турција

Турција ја повика меѓународната заедница во петокот да постави зона на забрането летање во Сирија со цел да се заштитат стотици илјади цивили од воздушни напади на владините сили во регионот на Идлиб.

Фахретин Алтун, директор за комуникации на турскиот претседател, на Твитер кажа дека Русија и Иран, поддржувачите на сирискиот претседател Башар ал-Асад „ќе го изгубат сиот свој кредибилитет ако потфрлат по определбата за намалување на насилството и непријателствата во Идлиб“.

Сирискиот режим прави „демографско и етничко чистење во овој регион“, рече Алтун. „Не можеме да замижиме на тоа“.

Во меѓувреме, амбасадорите на државите на НАТО имаат итна средба на барање на Турција, која е членка на алијансата.

Американскиот Оддел за одбрана објави дека секретарот Марк Еспер зборувал со турскиот колега во четвртокот и дека станало збор за Идлиб и за Либија.

„Истражуваме начини на кои САД ќе можат да работат заедно со Турција и со меѓународната заедница“, кажа Пентагон во врска со повикот.

33 турски војници беа убиени и 32 ранети во четвртокот во воздушен напад од сириските владини сили во регионот на Идлиб.

Дипломатските разговори меѓу Турција и Русија во Анкара за решавање на кризата со Идлиб завршија без договор.

Иако Анкара и Москва поддржуваат спротивни страни во граѓанската војна, двете држави соработуваат за завршување на конфликтот. Но, Идлиб ги затегна билатералните односи.

ОН велат дека речиси милион Сиријци биле раселени од неодамнешните борби во Идлиб. Стотици илјади бегалци пребегале кон турската граница.

Турција прими повеќе од 3,5 милиони Сиријци и Ердоган повеќе пати предупреди дека Турција не може да прима повеќе бегалци.

XS
SM
MD
LG