Турските медиуми прикажаа видео од лицето за кое тие велат дека е осомничено за убиството на 39 лица за време на новогодишниот терористички напад во ноќен клуб во Истанбул.
Изгледа дека видеото е снимено од лице кое се движи на плоштадот Таксим и подолг период гледа во камерата, но не зборува ништо.
Не е јасно кога било снимено видеото.
Властите порано објавија нејасно видео од напаѓачот снимено од безбедносните камери.
Турските медиуми известија дека властите притвориле двајца странски државјани на аеродромот Ататурк поврзани со нападот. Но не беа соопштени други детали.
Турскиот заменик премиер, Нуман Куртулмус на новинарите во понеделникот им кажа дека биле притворени осум лица.
Нападот започнал со убиство на полицаец и цивилно лице пред ноќниот клуб Рејна, потоа напаѓачот влегол внатре во објектот. Во моментот на нападот таму се наоѓале околу 600 лица, повеќето странци. Некој од нив скокнале во водите на Босфор за да избегаат. Властите велат дека напаѓачот се измешал со толпата и го напуштил клубот. Освен загинатите, 70 лица беа повредени.