Линкови за пристапност

Туристичката сезона во Охрид ги надмина очекувањата


Туристи на плажа во Охрид.
Туристи на плажа во Охрид.

Локалните жители велат дека не виделе толку многу туристи од осамостојувањето на државата; Подобрувањето на инфраструктурата може да отвори нов потенцијал за регионот

Последните денови од август, охридските плажи се уште се полни, каде се бара спас од топлото време. Таква беше сликата деновиве и на плажата Сараиште во стариот дел на Охрид.

„Времето е супер. Ми се погоди цело време убаво и водата е убава. Редовно доаѓам во Охрид на оваа плажа“, вели турист.

Јас сум прв пат овде, но кумовите често доаѓаат.
Tурист од Србија.

„Охрид е одличен за одмор. Одлични се и луѓето овде. Чисто, мирно, убаво е. Јас сум прв пат овде, но кумовите често доаѓаат и тие предложија да дојдеме да видиме како е, вели турист од Србија.

Раздвижено е и низ чаршијата, а сместувачките капацитети бележат добра исполнетост. Сопствениците на бизниси тријат раце од добрата заработка.

„Сега сме крај на август, а во последните 30 години од осамостојувањето на Македонија, толку многу туристи во овој период немало“, вели Сашо Здравески, локален жител.

Михајло Филев, кој има дуќан за продажба на традиционални охридски бисери вели дека е задоволен од тоа како поминува оваа туристичка сезона, после години на стагнација поради ковид-пандемијата и војната во Украина.

„Можам да кажам дека прометот се врати, односно дека и посетеноста како и во 2019 година, пред короната, само азиските туристи и од Русија и Украина поради конфликтот, другото се враќа во нормала“, вели Михајло Филев кој изработува охридски бисери.

И сопствениците на пловни објекти велат дека летово имале многу работа.

„Ова лето беше навистина добро. Имавме доста туристи од различни земји. Ние им понудивме кратки прошетки од половина час, еден час, до Свети Наум, Радожда, Калишта, каде има што да се види“, вели Зоран Анѓелоски, бродар.

Освен организирани групи со странски туристи, летово имаше доста и индивидуални гости, кои освен Охрид, ги посетуваат и останатите балкански држави.

„Може да се каже дека полека се враќаме на 2019 година. Но, според она што досега е реализирано, може да се каже дека ова една од подобрите сезони кои Охрид ги имал досега“, вели туроператорот Јаким Маленко.

Најбројни се гостите од Турција, Полска, Холандија, но и оние од Србија.

„Се очекува полските туристи да достигнат бројки од 7 000-8 000 гости, Холанѓаните да имаат околу 10 000-11 000 ноќевања. Тука се и Англичаните и Белгијците. Чартери има од Англија и Белгија и други дестинации“, додава Маленко.

Ќе имаме и есенска сезона добра.
Крсте Блажески, ХОТАМ.

„Оваа година имаме повеќе ноќевања. И до крај на годинава има доста најави за септември и октомври. Ќе имаме и есенска сезона добра“, вели претседателот на ХОТАМ, Крсте Блажески.

Но за повеќе гости, државата мора да ја подобри инфраструктурата до Охрид.

„Час поскоро автопатот мора итно да биде решен. Со тоа протокот на туристи ќе биде зголемен за 50 проценти и од домашни но и од странските туристи. Ние ќе мора да донесеме и звучно име од хотелските ресорти, како Шератон. Кој ќе дојде прв од тие инвеститори, тоа ќе биде иницијална каписла да ги повика и другите. Тогаш Охрид ќе има нова структура на гости“, вели Филев.

„Кога би имало еден убав автопат, кога Скопје би бил помалку од два часа оддалечен, мислам дека ќе има доста викенд туризам, бидејќи доста хотели имаат спа центри“, додава Блажевски.

И локалните власти велат дека оваа туристичка сезона поминува одлично и оти ќе трае најмалку до 15 октомври. Очекуваат повеќе од половина милион евра директен приход од туристичката такса, во касата на општината.

Одлична туристичка сезона во Охрид
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:45 0:00

XS
SM
MD
LG