Линкови за пристапност

Турција соопшти дека фатила 33 осомничени шпиони за израелскиот Мосад


Турски министер за внатрешни работи Али Јерликаја
Турски министер за внатрешни работи Али Јерликаја

АНКАРА, 2 јануари (Ројтерс) - Турската полиција уапси 33 лица осомничени за шпионирање за израелската разузнавачка служба Мосад, изјави денеска министерот за внатрешни работи Али Јерликаја.

Минатиот месец турските власти го предупредија Израел за „сериозни последици“ доколку се обиде да ги лови членовите на милитантната група Хамас кои живеат надвор од палестинските територии, вклучително и во Турција. Претседателот Тајип Ердоган предупреди дека тоа би било грешка.

Турција, за разлика од повеќето нејзини западни сојузници и некои арапски нации, не го класифицира Хамас како терористичка организација.

Полицијата изврши рација на 57 локации во осум провинции како дел од истрагата - наречена „Операција Крт“ - што ја започнаа антитерористичката канцеларија на обвинителството во Истанбул и разузнавачката агенција МИТ, рече Јерликаја.

Тој на платформата за социјалните медиуми Х рече дека се верува дека осомничените имале за цел да идентификуваат, набљудуваат, нападнат и киднапираат странски државјани кои живеат во Турција. Државната новинска агенција Анадолу соопшти дека властите бараат уште 13 други лица.

Запрашани за апсењата, кабинетот на израелскиот премиер и Министерството за надворешни работи, не дадоа коментар.

Турција остро го критикуваше Израел за бомбардирањето на Газа во војната со Хамас.

Јерликаја рече дека властите пронашле големи количини девизи, вклучително и околу 165.105 долари, нерегистрирано огнено оружје и дигитални материјали за време на рациите.

Тој сподели снимка од операциите на кои се гледа како полицијата упаднала во домовите, им става лисици на осомничените и ги става во полициски возила.

XS
SM
MD
LG