Линкови за пристапност

Турција бара од Скопје поактивна соработка во борбата против ФЕТО


Турскиот министер за надворешни работи разговара за време на прес-конференција во Истанбул
Турскиот министер за надворешни работи разговара за време на прес-конференција во Истанбул

Посетата на првиот човек на турската дипломатија на Скопје донесе пораки за билатералните односи меѓу двете земји, за регионалната ситуација, но и за клучните глобални прашања во моментот.

Хакан Фидан, кој важи за човек од доверба на турскиот претседател Ердоган, прво посака продолжување на добрите релации – и политички и економски, потоа ѝ честиташе на новата влада на изборот, за на крај да каже што Анкара очекува од неа.

„Воедно се надеваме дека новата влада ќе има чувствителен пристап кон борбата против тероризмот особено кон ФЕТО, зашто ФЕТО не е само опасност за Турција, туку и за сите земји каде е присутна оваа организација. Очекуваме Северна Македонија да даде помоќна поддршка во борбата со оваа терористичка организација“, рече Фидан.

Не прецизираше колку ФЕТО е присутно во земјава и какви конкретни мерки Турција очекува домашните власти да преземат против организацијата на Фетулах Ѓулен, кој со години која Анкара ја означи за терористичка.

За регионот на Балканот, кој Фидан го нарече стратешки за Европа, пораката е дека сите прашања кои се извор на потенцијална дестабилизација мора да се решаваат на мирен начин, низ дијалог.

„Турција има активен пристап за мирно решавање на проблемите кои продолжуваат во Босна Херецговина, само преку диајлог. Ги поддржуваме и меѓународните иницијативи. Го поддржуваме процесот меѓу Белград и Приштина... Даваме максимален придонес. Имаме единствен начин – мирно, преку дијалог до решение за проблемите“, вели Фидан.

На средбите со владиниот врв биле отворени и прашањата на руската агресија врз Украина, но и ситуацијата на Блискиот Исток. Турција е вклучена во обидите за постигнување примирје и во двата конфликта.

„Разговаравме за актуелните состојби за руската агресија врз Украина, како и најновите настани на Блискиот Исток, споделувајќи ги нашите грижи и очекувања за запирање на сите воени дејства“, изјави Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи.

„Вандализмот во Газа продолжува и овој проблем се шири кон Западниот брег. Нетанјаху е главниот виновник за овој геноцид – за да ја задржи власта продолжува да врши вандализам, ги саботира сите заложби за примирје, има деструктивен пристап со тоа што постојано поставува нови услови за примирје. И израелската јавност му се спротивставува на Нетанјаху, меѓународната заедница треба да го запре Нетанјаху зашто ако останеме тивки за масакрот, ние би учествувале во тој масакр“, кажа Фидан.

Фидан, кој се смета за можен политички налседник на Таип Реџеп Ердоган, на почетокот на годинава беше во регионот – ги посети Албанија, Бугарија и Романија.

Сега е во Северна Македонија – земја со која Турција има долга историја на пријателски односи, но и силна економска соработка која достигна една милијарда евра трговска размена на годишно ниво.

XS
SM
MD
LG